Македонци, Непалци и Бугари уживаат во убавините на Копаоник: Снежна идила, обилни порции и жива музика во познатиот ски центар!

by Fokus

Копаоник, познатиот српски скијачки центар со околу 30 жичари и оваа зима е атрактивна дестинација за Македонците. За време на новогодишниот дочек, голем број на наши граѓани го избраа овој популарен зимски ски центар во регионот, кој изобилува со хотели, апартмани, вили, ресторани…

Покрај бројните атракции на патеките за скијање, во Копаоник има забава и за оние кои не се љубители на зимските спортови.
Кафеани со жива музика, традиционални специјалитети, штандови со греано вино и ракија, продавници со сувенири…

Годинава, од она кое може да се забележи на самото место, покрај македонските, бројни се и туристите од Бугарија, Романија, па дури и од Кина и од Непал.

Непалци кои дошле празнично да уживаат на Копаоник, за ,,Фокус” раскажуваат дека првпат во животот виделе снег. Летово дошле на работа во Хрватска и решиле да ја искористат можноста да ја посетат и Србија, бидејќи никогаш претходно немале можност да престојуваат во зимски центар. Велат, воодушевени се од снегот и природните убавини.

Во рестораните пак, гости од целиот регион се забавуваат со народна музика и локални бендови, и се дегустираат познатите српски специјалитети.

На речиси секоја маса има кајмак, кој изнесува околу 200 до 300 денари порција, во зависност од локалот, домашен леб, по цена од 50 до 100 денари, и свинско печено месо. Килограм свинско печење е околу 1.500 денари, додека телешкото е околу 2.000 денари за килограм, а салатите се од 150 денари, па нагоре.

Пијалоците во локалите, дури и оние лоцирани на скијалиштата, се со пристапни цени. Топлите пијалоци, како кафе, чај, топло чоколадо, греано вино или ракија, се движат околу 150 до 200 денари.

Алкохолните пијалоци се со слични цени, од 100 денари за вотка или ракија, до околу 400 денари за чаша виски. Вината се движат од 700 денари за 750 милилитри, па нагоре, во зависност од производителот.

Нашинци кои престојуваат на Копаоник, велат дека во споредба со Банско, Бугарија, Копаоник е многу поевтина опција. Во кафеаните се служат обилни порции, а има и голем избор на сместувачки капацитети.

Најчесто, цената за ноќевање во модерно опремени апартмански комплекси изнесува околу 30 евра за лице, но има и приватни вили каде ноќевањето е речиси двапати поевтино.

За љубителите на скијањето пак, цените за изнајмување на ски опрема се 1.200 денари, ако се изнајми опремата во некоја од викенд населбите, додека пак изнајмување на опрема во ски центарот изнесува околу 3.000 денари. Билет за користење на гондолата е околу 1.000 денари за лице, а целодневната ски карта е околу 2.700 денари.

За најмладите и за скијачите почетници, во секое време се достапни ски-инструктори, а цената за нивниот ангажман е 60 евра од час.
Доста е популарно и возењето на моторни санки, како и даските за сноуборд, за кои исто така постојано има достапни инструктори.

текст и фото: Вики Клинчарова

Поврзани новости