Текстот е објавен на 24 ноември 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1364.
Ако до неодамна македонските граѓани одеа во Бугарија на шопинг, а по пат и за бугарски пасош, изминатиот период имаат причина плус. На популарност се лажните сертификати за примена ковид-вакцина, со кои невакцинираните живеат како по старо, без ограничувањата што ги наметна ковид-пандемијата. „Фокус“ го открива патот на фалц потврдите, кои засега се невидливи за надлежните
Пишувала: Валентина ВУРМО
Со заострувањето на ковид-мерките и неопходноста од пусулче за примена вакцина против ковид-19, речиси целиот свет го зафати пандемија и на лажни сертификати, кои можат да се најдат на црниот пазар. За стотина евра се добива црно на бело, па граѓаните и понатаму непречено си ги тераат „ќефовите“ во кафеаните или шопингуваат по моловите.
Овој тренд сѐ повеќе се шири и во Македонија, па затоа јавна тајна е каде сѐ може да се набави лажен сертификат.
До неодамна и немаше потреба од нив, бидејќи многумина од невакцинираните ги позајмуваа потврдите од пријатели или роднини, но сега по заострувањето на мерките побарувачката расте за оние фалсификуваните, со испишани вистински лични податоци. А нив ги има и на домашниот, но и на странскиот пазар.
ЗА 250 ЕВРА ДО ПУСУЛЧЕ ЗА ПРИМЕНА ВАКЦИНА
Еден од домашните фалсификатори дури и си објави реклама на интернет-огласникот „купи-продај“ со следната содржина „Правам сертификати за ковид прележани и сертификати за вакцинација“, напоменувајќи дека нарачки прима само преку Вибер.
Но, најверојатно откако се сетил дека на бројот може да му се јават и од МВР, огласот беше повлечен.
Сепак, информациите продолжија тајно да кружат меѓу граѓаните, кои на социјалните мрежи бараат во приватни пораки да им пишат креаторите на фалц потврдите.
Во наши раце дојде лажен сертификат изработен од фалсификатор во Тетово.
На прв поглед документот е идентичен, како и оригиналните. Со наведени лични податоци за граѓанинот, како и податоци за примената вакцина и доза. На крајот, пак, е наведен QR кодот за верификација, со чија проверка се дознава автентичноста. Односно доколку се направи скенирање на фалц потврда, електронската апликација нема да го лоцира лицето во системот на вакцинирани, како оние кои на регуларен начин ја добиле потврдата.
Но, ретко каде се прават вакви проверки. Секојдневната пракса покажува дека при влез во некој објект, од растојание од два метри се покажува сертификатот, ако и воопшто некој ви го побара, а речиси никогаш не се става под скенот за контрола, кој би го вклучил црвениот аларм.
Или, како што велат граѓаните, без проблем ќе влезеш и да покажеш извод, а не, пак, лажна потврда за вакцинација. Цената на овие пусулчиња е 50 евра.
И додека фалсификаторите тријат раце, пазарот се шири, па во изминатиот период е зголемена побарувачката и на црниот пазар во Бугарија.
Извори на „Фокус“ откриваат дека сѐ повеќе Македонци се обезбедуваат со лажна потврда за вакцинација од кај источниот сосед. Ги добиваат лично или, пак, преку посредници, а за услугата плаќаат околу 250 евра. Предуслов не е бугарскиот пасош, бидејќи оваа држава дозволува вакцинација на странски државјани.
ФАЛЦ ПОТВРДИ СЕ ШИТКААТ И ВО ТЕТОВО
Процедурата е следна. Во медицинска ординација, најчесто на матични лекари, во потврдата се внесуваат точните лични податоци, а вакцината да не заврши во вашата рака го плаќате паричниот надомест. Што се случува со вакцината, односно дали завршува во ѓубре, е непознато.
Разликата со претходно споменатите фалц потврди од Тетово е што со бугарските и реално станувате дел од статистиката на вакцинирани, бидејќи потврдите ги издаваат медицински лица или нивни соработници. Па, така при скенирањето на кодот се појавува точниот идентитет со знак дека вакцинацијата е завршена.
Главниот извор на овие лажни сертификати се неколку ординации во Софија, кои вакцинацијата ја спроведуваат сами, односно за разлика од вакциналните пунктови, каде што присутни се повеќе луѓе, па измамата би била тешко изводлива.
За слична манипулација се шпекулира и за место во внатрешноста на Македонија, но „Фокус“ не успеа да обезбеди сигурна потврда.
Неофицијалните шпекулации се дека за одреден паричен надомест, наместо вакцина, граѓаните се боцкаат со вода, а добиваат валиден сертификат за извршена вакцинација против ковид-19.
И додека надлежните во Македонија не ги слушнале овие шпекулации, но и не знаат за потврдите од Бугарија, кои според информации на „Фокус“, пак, дошле и во раце на неколкумина лекари, кои се антиваксери, во соседството ја признаваат аферата и бараат начин како да се справат со неа.
Главниот бугарски санитарен здравствен инспектор Ангела Кунчев неодамна изјави дека трговијата со лажни сертификати за вакцини е широко распространета. Од тамошното обвинителство, пак, информираат дека бугарски официјални лица биле инволвирани во 14 вакви случаи.
„Бевме импресионирани што покрај големиот број дадени вакцини, еден лекар, со ординација во централна Бугарија, вакцинирал луѓе и низ цела Бугарија. Има пациенти од Елхово (југоисточна Бугарија) и Варна (источна Бугарија)“, изјавиле од бугарското обвинителство.
Овие лажни сертификати први ги откриле лекарите, бидејќи им било неверојатно како е можно кај млади пациенти, и покрај примени две дози вакцина, болеста толку многу да напреднала. Тогаш добивале признание од пациентите дека вакцините всушност ги примиле само на хартија, но не и во рака.
ФАЛСИФИКАТОРИТЕ, ЗАСЕГА, МИРНО СПИЈАТ
Освен Бугарија, и Грција ги истражува лажните сертификати од Бугарија, кои се популарни и во оваа земја.
На прашањето испратено до обвинителството, дали имаат информации за лажните сертификати од Бугарија и од Тетово, добивме одговор дека ги следат сите информации и постапуваат секогаш кога се утврдени елементи на кривично дело.
-Надлежно за откривање и идентификување на сторителите на кривични дела е Министерството за внатрешни работи, ни посочија од Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, пред два месеца изјави дека во МВР има стигнато пријави за лажни сертификати за вакцинација и се води постапка.
-Постојат група на луѓе, кои секогаш бараат начин како да ги заобиколат правилата, не водејќи сметка дека директно ги загрозуваат и своите блиски. И овде има одредени пријави, дали директно до МВР, дали на имејл до Секторот за компјутерски криминал. Веќе имаме отворено предмет дека е можно да има злоупотреба и лажни сертификати, истакна Спасовски.
Од МВР добивме дополнителен одговор дека во изминатиот период, како асистенција на инспекциските служби, учествувале во засилените контроли. Во периодот од 8 до 14 ноември, заедно со инспекторите од Пазарниот инспекторат извршиле 700 контроли.
–При спроведените надзори, во еден објект било затекнато едно лице со лажен сертификат и едно лице без сертификат за примена вакцина, а во вториот објект се затекнати 3 лица без поседување на сертификат за имунизација од корона вирусот, ни одговорија од МВР.
Четири лажни сертификати биле откриени и на граничните премини при влез и излез од државата, на граничните премини Долно Блаце и Блато.
-Во периодот од август до 18 ноември, поднесени се четири кривични пријави за сторени четири кривични дела „фалсификување исправа“ против шест сторители што поседувале лажни сертификати за вакцинација. Контролата на веродостојноста на сертификатите за вакцинација, Министерството за внатрешни работи во континуитет ја врши во соработка со Државен пазарен инспекторат, истакнуваат од МВР.
РЕЧИСИ НИКОЈ НЕ ЈА ПРОВЕРУВА АВТЕНТИЧНОСТА НА ПОТВРДИТЕ
Директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска–Димоска, пак, вели дека од средината на август направиле 1.280 инспекциски надзори и затвориле 20 угостителски објекти поради кршење на правилото за поседување задолжителен ковид-сертификат.
Но, таа потенцира и дека инспекторатот нема надлежност да ги контролира гостите што влегуваат во угостителските објекти дали поседуваат сертификат, или дали тој е валиден.
-Сакам да појаснам дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност да ги контролира лицата при влез во локал дали поседуваат и дали им е валиден сертификатот. Aпeлирам до угостителските објекти и лицата што се назначени за проверка на потврдите да ја користат апликацијата за валидноста од Министерството за здравство. Затоа што при наша контрола, ако се потврди дека лицата немаат сертификат, одговорноста е на угостителот, објасни Димоска.
Инаку за фалсификување исправа предвидена е парична казна согласно член 378 став 1 од Кривичниот закон, но сторителот одговара и, согласно член 205 и 206 за загрозување на јавното здравје, се казнува, или со парична, или со затворска казна.
Но, она што паѓа в очи е дека, освен неколкутемина граѓани што добиле кривична пријава за поседување лажни сертификати, не се прави обид да се види големата слика. Поточно, засега нема истрага, барем не е јавно откриена, со која се прави начин да се стигне до тие што ги изработуваат овие лажни документи.
Пред неколку дена, пак, во Хрватска беше уапсена 31-годишна медицинска сестра, која издавала потврди на невакцинирани. Вакви афери секојдневно ја тресат Европа.
Во Украина, парламентот ја криминализира употребата и производството на лажни сертификати за вакцина против корона вирусот, одредувајќи затворска казна до три години, или парична казна од околу 6.500 долари за сторителите.
ПОМАЛ ИНТЕРЕС ЗА ВАКЦИНИ, ПОГОЛЕМ ЗА ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ
Она што засега е познато, е дека лажните сертификати се најмногу застапени во државите со низок степен на вакцинација.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Бугарија има најниска стапка на вакцинација против корона вирусот во ЕУ, со 23,5 отсто од жителите што се целосно вакцинирани. Романија ја има втората најниска стапка, со само 34,1 отсто. Во Македонија, пак, со две дози се вакцинирани 38 проценти од целото население.
Токму неодамнешниот скок на случаи на корона вирус во Бугарија и Романија помогна да се разоткрие практиката за добивање лажни сертификати за вакцинација.
Кристијан Оанчеа, менаџер на болницата за инфективни болести во Темишвар, град во западна Романија, е еден од првите лекари што јавно проговори за фалсификатите.
-Се сомневаме дали некој навистина е вакциниран кога гледаме млади пациенти со многу тешки форми на болеста, изјави тој.
Властите и докторите секојдневно апелираат за масовна вакцинација. Докторот Нико Беќаровски вели дека колку подолго трае пандемијата, толку повеќе луѓе ќе умираат незгрижени од карцином, срцеви и мозочни удари, дијабетес, труења…
-Вакцинирајте се! За себе, за вашите блиски, за нашиот народ! Во Македонија се аплицирани 1.666.500 дози на вакцини и официјално нема ниту еден со животозагрозувачки несакани ефекти. Ризикот е неспоредлив, истакнува докторот Беќаровски.
Еден романски лекар, каде што лажните сертификати се продаваат преку интернет, им порача на граѓаните дека со купувањето на потврдата си ја купуваат и смртта.
–Вирусот не е мртов, тој не се грижи за вашата лукавост и измама“, напиша лекарот, додавајќи дека корона вирусот ќе го даде својот одговор со звукот на патентот на пластичната вреќа со некое мртво тело.
Статистиката на Министерството за здравство покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. За последните 4 месеци, од вкупниот број починати, 80 проценти биле невакцинирани, а 20 проценти од починатите примиле вакцина.
Поради преспивањето на аферата од надлежните, очигледно е дека засега енигма ќе остане дали некој од овие починати поседувал лажен сертификат, односно бил вакциниран само на хартија.
ГОДИНАВА ОТКРИЕНИ 439 ЛАЖНИ ПЦР ТЕСТОВИ
Пред популарноста на фалсификуваните сертификати за вакцинација, на големо се купуваа лажни ПЦР тестови, со кои граѓаните се обидуваа да излезат надвор од земјата.
–Што се однесува до фалсификуваните документи ПЦР тестови откриени се 439, а лани 33. Најмногу се откриени на граничниот премин „Меѓународен Аеродром Скопје“ и „Деве Баир“, каде што во најголем дел лицата се обидуваа со фалсификувани ПЦР тестови да остварат излез од државата, ни одговорија од МВР.
Оттаму додаваат дека за изработка и продажба на фалсификувани тестови за ковид -19, поднесени се 130 кривични пријави против 149 сторители (51 странски државјани) за сторени 124 кривични дела „фалсификување исправа“.
–Секторот за меѓународна полициска соработка врши размена на информации со земјите од Европа преку нивните соодветни служби (НЦБ ИНТЕРПОЛ или акредитиран Офицер за врска во нашата земја) за фалсификувани/лажни ПЦР тестови и сертификати за вакцинација.
Соработката се одвива успешно и досега не сме се соочиле со тешкотии при добивање одговор. Ова е од причина што употребата на документ пред институции кој е лажен или фалсификуван е казниво дело во речиси сите земји од Европа, посочуваат од МВР.
Додаваат дека најголема соработка имаат со земјите од регионот, конкретно со Косово и Србија, а имаат и размена на информации со Австрија, Бугарија, Германија, Словенија, Турција и Швајцарија.