Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го поздрави почетокот на преговорите на Македонија и на Албанија со ЕУ.
-Конечно направивме важни чекори напред во отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Во Брисел се одржаа меѓувладини конференции на министерско ниво за спроведување на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година за отворање на пристапните преговори. Им честитам на властите и на граѓаните на Северна Македонија и Албанија за ова долгоочекувано достигнување – рече Мишел.
Според него, патот до оваа точка е долг и предизвикувачки.
-Како што видов од прва рака, дебатата беше особено интензивна во Северна Македонија, но на крајот доведе до позитивно гласање во националниот парламент, Собранието. Македонци, денес вашата земја го прави првиот клучен чекор на патот на преговорите со Европската унија. Како што реков во Скопје пред неколку дена, Северна Македонија може да смета на мојата целосна поддршка на ова патување – рече Мишел.
Тој посочи дека денешното одржување на МГК ја отклучува следната фаза и за Албанија и за Северна Македонија.
-Сега ќе започне процесот на скрининг, не само ажурираниот објаснувачки скрининг, туку и билатерални скрининзи. Претстои напорна работа за нашите преговарачи, во Скопје, Тирана и Брисел, во оваа клучна фаза. Во наредните месеци ова ќе изгради солидна основа за отворање на кластерите на преговарачките поглавја – истакна Мишел.