Македонското актуарско здружение одбележа 20 години постоење

by fokus

На 21.05.2024 година во Музејот на македонската борба за самостојност, Македонското актуарско здружение (МАЗ) одбележа 20 години постоење.

Членовите на Здружението го прославија овој јубилеј во присуство на актуари од регионот како и претставници од Регулаторот на осигурителната индустрија, Националното Биро за осигурување и Друштвата за осигурување.

Здружението одбележа две децении посветеност, професионализам и придонес во развојот на актуарската професија во нашата земја. Македонското Актуарско Здружение е стручна, непрофитна организација, основана во 2004 година, чија мисија е унапредување на актуарските дисциплини, нивната практична примена како и стручното усовршување и образование на актуарите.

Претседателот на МАЗ, г-ѓа Цветлана Винцензи Маркулеска даде осврт на досега постигнатото и сподели дел од идните планови на здружението. Таа им додели признанија на членовите, како и на соработниците кои во изминативе години придонеле за раст и развој на здружението.

Патот кон исполнување на својата мисија и цели во изминатите години на Здружението е испреплетен со многубројни предизвици кои се инспирација и мотивација за раст и усовршување за неговите посветени членови-волонтери.
Благодарение на компетенциите, професионалната етика, посветеноста и трудот на своите членови, Македонското Актуарско Здружение денес е препознаено и почитувано не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво. Од 2016 година Здружението е полноправна членка на Меѓународното актуарско здружение со свои претставници во Советот и Комитетите.






Поврзани новости