Разочараноста од празните и лажни ветувања, не да е голема, туку е безнадежна. Кој како ќе дојде на власт ветува просперитет, преродби, напредок, правда, едно општество за сите итн., а на крајот завршува до гуша во криминал и корупција.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Во кратката народна илустрација (мислење) за историските карактеристики на балканските народи, колективниот ум, на нему својствен начин, ги определил карактеристиките на сите балкански народи.
Па така, за тие потреби, е срочена изреката – Бог да те чува од српското родољубие и хрватската култура; ,,Нашите гаќи се превртуваат“ како одлика на превртливоста на Бугарите; за босанската глупавост и црногорската мрзеливост; грчкото користољубие итн.
За нас Македонците е резервирана поговорката, која ја отсликува меѓусебната разединетост и неслога – од тројца комити, еден е војвода, а другиот кодош!
Токму затоа, независно од степенот на искреност или неискреност, секогаш предизвикува исклучителен интерес и внимание кога некој од партиско-политичките „лидери“ ќе почувствува потреба и ќе го искористи моментот да повика на национално единство.
Тоа е само по себе добро! Она што е лошо, е фактот дека на македонско национално единство секогаш, по правило, повикува „лидерот“ на партијата што е на власт и е насочено исклучиво кон партијата што е во опозиција. Граѓаните и „народот“ ги нема никаде!
УСЛОВ НАД СИТЕ УСЛОВИ
Во актуелната состојба, во која се наоѓа Република (Северна) Македонија и македонскиот народ во целина, националното единство на Македонците, но и на сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија, е услов над сите услови ако се сака да се направи барем минимален напредок во враќањето на животот и надежта во државата.
Царувањето на бесперспективноста, криминалот и корупцијата ја испразнија државата во демографска и во економска смисла. Разочараноста од празните и лажни ветувања, не да е голема, туку е безнадежна.
Кој како ќе дојде на власт, ветува просперитет, преродби, напредок, правда, едно општество за сите итн., а на крајот завршува до гуша во криминал и корупција.
Да потсетиме дека непобитен историски факт е дека највисок степен на какво-такво национално единство е постигнат во времето на АСНОМ.
Методија Андонов-Ченто, Михајло Апостолски, Павел Шатев, Мане Чучков и останатите учесници биле доволно доблесни, умни и чесни за да знаат дека би било историски злочин кон сопствениот народ (најверојатно поучени од искуството на илинденците) за да се пропушти таква историска шанса, како што бил моментот на крајот на Втората светска војна и победата над фашизмот.
Создавањето на македонската држава е непобитниот доказ за таквата нивна мудрост, политичка зрелост и национална самосвест!
СДСМ
Заслугата за катастрофалниот пораз на СДСМ на изминатите избори не припаѓа на никој друг, освен на раководството на самиот СДСМ. Извесно од политиките и позиционираноста на СДСМ кон ДУИ беше дека ќе ги изгуби изборите. Она што е изненадување е катастрофалноста на тој пораз.
Жално е што ниту една од партиите не сака да разбере дека резултатите од следните избори зависат од сето она што ќе се прави и направи веќе од првиот ден по изборите. Но, нели, тоа си е нивна работа!
Она што е значајно за граѓаните, особено за Македонците, е СДСМ да собере храброст и доблест и јавно да му даде поддршка на ДПМНЕ за сите оние закони и уставни промени за кои е потребно двотретинско мнозинство. Само така ќе покаже политичка зрелост и државотворност.
За граѓаните и државата ќе биде погубно ако и понатаму се продолжи со трговија на големо и мало со гласовите на пратениците, како што тоа се направи со промената на уставното име.
Јасно е дека сега целокупната одговорност паѓа на грбот на ДПМНЕ и затоа треба добро да се замислат за сопствената одговорност за секој изговорен збор и за секој чекор во практикувањето на власта. Историјата и народот никому не простува!