Македонските жени во литературата: Нивниот глас вреди да се чуе надалеку!

by Fokus

Жените низ историјата на човештвото се обидувале на секаков можен начин да дојдат до своите права и високите позиции во општеството. Тоа некогаш успевало, некогаш не, но тие не се откажувале од намерата да бидат рамо до рамо со мажите.

Еден од световите во кои жените се мошне застапени е литературата, каде преку своето творештво се обидуваат да го искажат своето мислење но и да делуваат на јавното мнение.

Но, дали состојбата во Македонија во однос на застапеноста на жените во литературата е на соодветното ниво и каде некои работи треба да се променат?

Авторката и просветен работник, Билјана Мартиноска вели дека жените имаат доволно простор од издавачките институции, но поддршката од културните установи е од огромно значење.

Женското перо е многу посензибилно. Подлабоко. Читателската публика тоа го препознава затоа што во изминативе неколку години токму литературните дела на автори коишто се жени се повеќе наградени. Верувам дека постојат жени коишто одлично би се носеле со улогата претседател на Друштво на писатели на Македонија, но историјатот на ДПМ покажува дека досега само две жени ја имале таа функција. Моето лично мислење е дека жените се добри менаџери и мошне педантно би ја извршувале таквата функција, но генерално гледано, дали на чело на оваа сериозна институција стои жена или маж, навистина е релативно“, вели Мартиноска.

Според неа, радува фактот што во последните години се зголемува бројот на македонски авторки кои добиваат подадена рака од издавачките куќи за промоција на нивниот литературен обид.

Во минатото, повеќето од нашите издавачки куќи промовираа странски автори чии дела беа преведувани на македонски јазик, но од неодамна се` повеќе можат да се забележат македонски автори зад кои стои квалитетна издавачка куќа. Сметам дека застапеноста на женските автори во издавачките куќи е подеднаква, дури во извесна мера и позначителна, но исто така и оправдана. Читателската публика го диктира таквиот развој на настаните и нејзините барања се секако важен индикатор за поголемата застапеност на жените како автори во издавачките куќи, а според тоа и во книжарниците каде што се бараат нивните дела“, додаде таа.

Друштвото на писателите на Македонија е највисоката литературна институција во нашата земја, во која учествуваат многу поети, писатели и писателки. Токму на чело на ДПМ е Соња Стојменска-Елзесер, кој во 2019 година беше избрана за претседател на ова книжевно друштво.

Таа е само втора жена претседател на ДПМ, а во минатото претседател била и писателката за деца Светлана Христова-Јоциќ.

Јавноста реагираше дека жена ќе биде претседател на ДПМ. За мене тоа не е ништо необично. Не е тоа некој факт на кој треба да придаваме значење. Во нашта книжевна средина доминираат веќе жени, и тоа си дојде некако природно. Можеби не толку во творечкиот, писателски домен, но критика, теорија застапени се жените“, истакна Елзесер во интервју за „Астрорум“.

Од издавачкиот центар ТРИ, кој е основан од македонската писателка Винка Саздова, велат дека женскиот глас е силен и се слуша надалеку во литературниот свет. Оваа издавачка куќа го негува творештвото на Јагода Михајловска-Георгиева, Виолета Танчева-Златева, Наташа Сарџоска, Ана Јовковска, Марија Јаневска, Катерина Ангеловска, Александра Шаровиќ, Бистра Георгиева, Снежана Џамбазова-Попорданоска и многу други. Сите еднакво уникатни во она што го прават, колку во прозата и поезијата, толку и во популарната психологија и литературата за деца, додаваат оттаму.

Романите на Винка Саздова се секогаш актуелни меѓу нив, како и возбудливите приказни на Јагода Михајловска-Георгиева, отворениот стил на Ана Јовковска или нежните приказни на Марија Јаневска. Интересот кон психологијата се отсликува во големиот број на читатели на Катерина Ангеловска, а во однос на квалитетната литература за деца, целата едиција сликовници од Бистра Георгиева се сè пополуарни меѓу малите, идни читатели“, соопштија од ТРИ.

Тие го најавуваат и првиот роман од Наташа Сарџоска со наслов „Трамонтана“ кој се очекува да излезе за овогодинешниот Саем на книгата. Ќе пристигне и нова сликовница од едицијата сликовници од Бистра Георгиева, а пред извесно време излезе поетската збирка „На работ на светот“ од Виолета Танчева-Златева.

Поволни ветришта дуваат за македонските жени во литературата, смета писателката Фросина Пармаковска, а според неа, најважно е дека македонските писателки се често застапени и во библиотеките.

 

Жените, и тоа како се застапени во нашата литература, а тоа најнапред може да се забележи во високиот процент на авторки кои објавуваат книги во издавачките куќи на годишно ниво и во поглед на прозата и на поезијата, понатаму, во освојувањето на книжевните награди што до неодамна биле привилегија пред сѐ на повозрасните машки писатели. Јас не гледам дека постои некоја машка доминација, ниту пак, во разните одбори, жири-комисии и други тела кои на разни начини одлучуваат за македонската современа книжевност“, вели Пармаковска.

Како што додава таа, ние треба да ги заборавиме таквите поделби и да се насочиме кон многу други работи за унапредување на македонската литература.

Радува тоа што македонските писателки ги има во домашните библиотеки, за тоа сведочат реизданијата, секојдневната поддршка на социјалните мрежи, бројните критики и низа други показатели. Прашањата односно проблемите во врска со застапеноста на жените во нашата литература се минато“, го заврши разговорот Пармаковска.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Таа може: Со вештини до економска независност“ спроведен од страна на Центарот за социјални иницијативи Надеж, а поддржан од германската фондација Weltgebetstag.

Фото – Приватна архива, Литература.мк

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости