Македонските војници кои учествуваат во хуманитарните операции во Словенија за санирање на штетите од катастрофалните поплави, заедно со припадниците на словенечката војска изградија привремен мост во Општина Межица, соопшти словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец.
-Словенечката војска набрзо пристапи кон изградба на овој привремен мост. Благодарност до инженерите. Мостот денес стои. Навистина ни требаше, тој е важен за локалното население и економијата. Драго ни е што беше поставен за толку кратко време, изјави Шарец.
Началникот на Генералштабот на Словенечката војска, генерал-потполковник Роберт Главаш, на пуштањето во употреба на мостот истакна дека мостот е изграден заедно со војниците на АРМ.
-Словенечката армија од самиот почеток соработува за отстранување на последиците од поплавите. Помага каде што можеме. Мислам дека помошта е огромна. Овој мост го изградивме заедно со членовите на македонската армија за четири или пет дена“, рече Главаш.