Аналитика Тинк Танк објави шокантни резултати од најновото истражување за „Ефектот на истиснување на потрошувачката на тутун врз буџетот на домаќинствата во РС Македонија“. Според податоците, 48,4% од возрасните во Македонија се пушачи, а домаќинствата со пушачи трошат дури 13,2% од своите буџети на цигари, што претставува значително зголемување од 10,3% во 2018 година. Овој тренд води до „истиснување“ на средствата потребни за основни потреби како храна, здравје и образование, што ги зголемува нивоата на сиромаштија.
Според Тамара Мијовиќ Спасова, кој ја презентираше студијата, дополнителен проблем е што пушењето исто така ја зголемува потрошувачката на алкохол, бидејќи семејствата со пушачи трошат 12,5% за алкохол, додека непушачките семејства само 1,1%. Оваа статистика дополнително ги оптоварува буџетите, предизвикувајќи длабока економска неравнотежа, особено во семејствата со ниски приходи.
Во рамки на конференцијата, се одржа панел дискусија за контрола на тутунот и здравјето, со акцент на потребата од нови законски измени и регулирање на употребата на тутунските производи. Марија Андонова од Институтот за Јавно здравје предупреди на високото ниво на пушење во Македонија, со 45,4% активни пушачи, што е значително над европскиот просек од 25%. Трошоците за цигари во државата годишно изнесуваат 38 милијарди денари или над 600 милиони евра, што создава сериозни здравствени и економски последици.
Елена Ќосеска од Институтот за Јавно здравје истакна дека треба да се фокусираме на превенцијата, особено кај младите, каде употребата на електронски цигари е во пораст. Од друга страна, Ана Чернишова од УНДП нагласи дека Законот за пушење не се спроведува ефективно, бидејќи пушењето се дозволува на јавни места.
Царинската управа планира зголемување на акцизите на тутунските производи од 2025 до 2030 година, со цел усогласување со минималните стапки на Европската Унија. Надежда Шопова Трајковска изјави дека ова ќе придонесе за намалување на потрошувачката и за поддршка на законските напори за сузбивање на нелегалната трговија.
Во заклучок, Бојана Христовска Мијовиќ од Аналитика апелираше за воведување на високи акцизи, кампањи за едукација и мерки за намалување на достапноста на цигарите, особено кај младите, со цел да се намалат негативните ефекти од пушењето врз здравјето и финансиската стабилност на семејствата.