Македонските ракометари против Норвешка стартуваат на Светското првенство

by Fokus

Македонската машка ракометна репрезентација денеска во Краков, градот домаќин на групата Ф, го почнува настапот на 28. Светско првенство, кое заедно го организираат Полска и Шведска. 

Македонските ракометари вчера одржаа тренинг во Таурон Арена, каде вечерва од 20:30 часот против Норвешка го играат воведниот натпревар во групната фаза, на својот осми настап на мундијалските турнири, а шести во серија. 

За дуелот против фаворитот во групата Ф, според најавите, избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе имаат голема поддршка од македонските навивачи на трибините на Таурон Арена со капацитет од 15.000 седишта. 

Во претходните пет дуели, македонската репрезентација има една победа и едно реми против Норвешка. 

Претходно во рамки на истата група ќе играат Аргентина и Холандија од 18 часот. Во истиот термин македонската репрезентација в недела ќе игра против Холандија, а два дена подоцна против Аргентина. 

Пласман во следната рунда ќе обезбедат трите првопласирани репрезентации од осумте групи.

Поврзани новости