Центарот за македонски јазик во Грција ќе продолжи да постои, одлучи грчкиот Суд откако отфрли повеќе барањата (жалбите) за укинување кои ги поднесоа различни грчки невладини организации. Првостепениот Суд во Лерин како неосновани ги отфрли барањата за укинување.
На 27.07.2022 година, барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација/здружение беше одобрено од грчкиот суд, со што истиот стана првата организација, која директно се грижи за македонскиот јазик, што е регистрирана и призната како таква од грчките државни органи.
Сепак, веднаш по соопштувањето на таквата одлука, до Судот во Лерин беа доставени повеќе барања/тужби од “трети заинтересирани страни” за поништување на првичната одлука за регистрација. Како подносители на таквите барања се појавија неколку екстремно десничарски организации и политички партии во државата, додека едно од барањето беше поднесено лично од страна на јавниот обвинител на територијата на Леринската околија.
Првото од судењата беше одржано на 16 февруари 2023год.
Во атмосфера исполнета со тензии, дополнета и со преполни судски сали, Центарот за македонски јазик ги претстави своите аргументи пред Судот, меѓу другото и со презентирање на докази за признавањето на македонскиот јазик од страна на грчката државата пред повеќе од еден век.
Со историските одлуки од 16 март 2023 година, Основниот суд на Лерин ги одби барањето/тужбата на околискиот јавен обвинител, барањата поднесени од “Панмакедонскиот сојуз на македонската борба Грција-Австралија” и “Панхеленското здружение на потомците на македономахите – Павлос Мелас”, како и оние поднесени од „Здружението за одбрана на Македонија и Тракија“, „Друштвото за македонски студии“, „Здружението Аристотел“, „Здружението на пензионирани армиски офицери“ и „Регионот Западна Македонија“. Горенаведените барања беа одбиени како неосновани, додека еден дел од нив беа квалификувани и како целосно неприфатливи.
Центарот за македонски јазик го изразува своето нескриено задоволство што после децениска борба, македоноговорното население во Грција се соочува со позитивен судски исход во однос на неговите легитимни барања. Правото на слободно здружување конечно е достапно и уважено во однос на организација за подршка на македонскиот јазик. Веруваме дека сега е време ова човеково право (загарантирано со член 12 од Уставот на Грција и член 11 од Европската конвенција за човекови права) да биде достапно и за други слични невладини организации – кои во минатото барале и во иднина ќе бараат нивна судска регистрација, велат од Центарот за македонски јазик.
Со оваа одлука на Судот, Центарот за македонски јазик во Грција останува законски регистрирана невладина организација во државата.