Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените, изјави денеска премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање дали ќе ги прифати бугарските барања во однос на македонскиот јазик.
– Тоа е работа прво на историчарите, политичар сум и политички ќе кажам. Корените, историјата на мојот народ и на мојот македонски јазик се исто мое суверено право и право на самоопределување. Бугарија е првата земја што ја призна сувереноста на Република Македонија тогаш, денешна Република Северна Македонија. Мене ми е драго што ја признавaат реалноста. Ја повикувам да ја признаат таа реалност јавно и отворено, постоењето на Македонците и македонскиот јазик апсолутно не е против интересите на Бугарија, рече премиерот.
Тој посочи дека признавајќи ја таа реалност, можеме да направиме исчекор кон градење на пријателството.
Во одговор на новинарско прашање дали смета оти интервјуто за бугарскиот медиум ќе помогне во преговорите со Софија, Заев вели дека сака да помогне на македонскиот народ, за перспективите на земјава.
– Сакам да му помогнам на мојот македонски народ, за да има други погледи на светот. Сакам да бидам одговорен политичар, кој не калкулира со својата политичка кариера, туку отвора перспективи за својот народ и за својата земја, вели Заев, додавајќи оти тоа е европско лидерство и одговорност на самите политичари.