Македонскиот јазик и држава ни се свето наследство од предците

by Fokus

Пишува Епископ Антаниски Партениј,
Игумен на Свештената Бигорска Обител

(По повод „21 февруари“ – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик)

Следејќи го текот на македонско-бугарските политички односи во последниве неколку години, особено по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, а за кој ние како монашка заедница јавно излеговме со позитивно мислење и нелицемерна поддршка, со надеж дека тој, „срочен во духот на европското право“, ќе придонесе за воспоставување и зацврстување на братољубиви односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ, што насушно е потребно од многу аспекти за двата современи европски народи, сметаме дека по речиси пет години, потребно и чесно е да излеземе со свое мислење во однос на тоа што се има случено оттогаш на ова поле.

 

Исто како што напоменавме и тогаш, ќе нагласиме повторно и сега, дека ова писание, во кое се одразува ставот на целото наше Братство, не е инспирирано или поттикнато од какво-годе политичко влијание и припадност, бидејќи ние како монашка заедница, сецело предадена во служба Божја, не служиме на ниедна политичка партија, движење, идеологија, сила или моќ, освен, се разбира, на Божјата семоќ.

Должност кон историјата и иднината

Следствено, го пишуваме овој свој став како наша должност, пред сè, кон историјата, како и кон иднината, а потоа и кон секој граѓанин на двете земји и кон нивните политички водачи.

Да започнеме од насловот на Договорот. Во него се содржат три прекрасни и полни со христијански ентузијазам зборови: пријателство, добрососедство и соработка. Но, за жал, мораме веднаш отворено да предочиме, дека одреден дел од политичарите воопшто не се придржуваат, па дури и ги злоупотребуваат овие христијански начела, често употребувајќи манипулации заради популистички цели, така што наместо напредок во зближувањето и пријателството, ние денес имаме нешто сосема спротивно: оддалечување и негативни чувства едни кон други, поголеми, би рекле, дури и од оние во времето по Информбирото од 1948 година. Навистина трагично!

За историската и културолошка блискост помеѓу Македонија и Бугарија и за нашите заеднички моменти од историјата, како и за историските недоследности, фалсификати и затскривања, досега како Братство имаме јавно и транспарентно напишано многу и се разбира, вистинољубиво стоиме и докрај ќе останеме зад тоа. Меѓутоа, очигледно е дека некои политички и општествени структури заедничките нешта од минатото не ги восприемаат и ползуваат како една солидна подлошка врз којашто треба да се гради конструктивна и светла иднина, ами ги злоупотребуваат за зголемување на недовербата, на отуѓеноста, а не помалку и на омразата – што во никој случај не е добро ни за едната, ни за другата држава, како ни за едниот ни за другиот народ.

Да се биде потполно „заглавен“ во минатото е, пред сè, патолошки комплекс

Да, сосема полезно и неопходно е да се познава историјата, да се води дијалог за неа, да се разобличуваат историграфските фалсификации и да се постигне заеднички јазик, но да се биде потполно „заглавен“ во минатото е, пред сè, патолошки комплекс и одлика на оние кои не знаат да се носат со сегашноста и кои се плашат од иднината, па дури и не се грижат за неа.

Токму тоа во моментот се случува со одредени политички структури, коишто наместо од братољубие или од „пријателство, добрососедство и соработка“, настапуваат кон Македонија од позиција на сила, уценувајќи го нејзиниот развоен пат кон европската интеграција, под изговор дека „Северна Македонија никако не признава дека до 1945 година била бугарска земја, со бугарски народ и со бугарски јазик и дека денес во неа сè уште има репресии врз бугарското население“.

Сметаме дека оние коишто толку упорно го тврдат ова и настојуваат на него, или немаат доволно познавање за создавањето на нациите и на јазиците, или, пак, се инструирани, како посредни или непосредни службеници, од некои моќни, тајни или јавни, геополитички структури коишто едноставно не сакаат и не дозволуваат братството и пријателството меѓу народите да преовладее.

Работата е едноставна: разгорувај го крајниот, неиздржан и прост национализам и кај едните и кај другите и тие никогаш нема да постигнат согласност.

 

Во оваа насока се движат некои назадни и деструктивни постапки и барања во однос на неприродното и изнасилено создавање на бугарска национална свест во Македонија, преку одредени здруженија и лоби групи.

Ова, меѓу другото, се однесува и на злоупотребата на бугарските пасоши што ги поседуваат одреден број македонски граѓани, а кои во најголем дел, како што е општопознато, се извадени главно поради економски причини (што, секако, ние како Манастир не го одобруваме и сметаме дека е на штета на македонската државност) и крајно незначителен е бројот на оние кои меѓу нив навистина се чувствуваат како Бугари.

Во 21.век анахроно е да се мисли на настани што може да не вратат назад

Денес, во 21. век, повеќе од анахроно е да се мисли дека историските настани можат да се вратат назад. Историјата го завршува своето движење и реалноста мора да се прифати.

Оттука сметаме дека очекувањето македонските граѓани по секоја цена и недвосмислено да декларираат бугарска национална свест и последователно на тоа, негирањето на современиот македонски идентитет и литературниот македонски јазик, предизвикуваат само негативни последици и силно влијаат во продлабочувањето на кризата во односите меѓу нашите две држави и народи, што секако не е добро за никого.

Сепак, фала Му на Бога, има и многу разумни луѓе, со силен интелектуален капацитет, и во македонското и во бугарското општество, коишто добро ги разбираат историско-политичките односи и развитија и знаат дека создавањето на нациите и на јазиците како современи политичко-територијални и социолошко-историски феномени, според мислењето на науката, е невозможно да се утврди со прецизен датум. Станува збор за еден релативно подолготраен културно-политички-општествен процес, кој е многу тешко да се ограничи во конкретни датуми и години.

Точно е тоа дека одредени национални идентитети се формирале порано, а некои подоцна. Ама кога веќе еднаш ќе се оформи некоја нација, анахроно и недемократски е да се негира историската реалност.

Оттука, македонската нација не е исклучок од овие современи разбирања за создавањето на националните идентитети на Балканот и пошироко во Источна Европа.

Имајќи го ова предвид, неправедно е да се условува со точни датуми до кога мнозинското словенско население во Македонија, особено неговата интелектуална елита, себеси се сметало за дел од некои други етникуми, а од кога тие или нивните наследници развиле посебен македонски политички, а потоа и национален идентитет, сосема различен од другите на Балканот.

Доколку непристрасно се читаат историските факти, ќе увидиме дека уште во текот на 19. век кај извесни дејци од територијата на Македонија се појавува најнапред политичка македонска свест, која со тек на времето и под влијание на одредени општествено-политички процеси и случувања, постепено прераснува и во посебна национална свест.

За македонскиот народен јазик

Истото можеме да го заклучиме и за македонскиот народен јазик, кој особено од тоа време се издвојувал како посебен дијалект во општиот словенски јазичен корпус и континуум.

Нешто што, исто така, е особено важно и не смее никако да се занемари е фактот што во современата македонска нација се интегрирани голем број граѓани чиишто предци во минатото припаѓале на различни нации и етникуми и тоа, се разбира, нив не ги прави помали Македонци денес.

Од оваа причина, евентуалното неприродно и од разни фактори потсилувано формирање на бугарско малцинство и неговото вметнување во Уставот на нашата држава, со сигурност ќе доведе до заострување на конфронтацијата помеѓу, од една страна огромното мнозинство во земјава – што веќе има изградено јасно македонско национално чувство (вклучително и такви што добро ја знаат историјата и знаат дека имаме заеднички моменти од минатото со повеќе етникуми) – и бугарскиот народ и држава од друга страна, бидејќи истото ќе се смета за директно мешање и непријателска пропаганда од Софија.

Згора на сè што ваквата тенденција, ваквото барање до другиот, некој не е подготвен да го слушне и да го дозволи на својот терен. Се разбира, едно од основните човекови права е правото на национална самоопределба и ние во никој случај немаме ништо против тоа.

Но, едноставно, не значи дека ако некој македонски граѓанин добро ја знае историјата и во некои сегменти се согласува со одредени тези што не се дел од официјалната државна историографија, по автоматизам тој е современ Бугарин, Србин или што-годе друго. Уште сега, од ситуацијата на терен знаеме дека здруженијата и групациите кои се обидуваат да врбуваат следбеници и да наметнуваат бугарска, српска или каква било друга национална самосвест меѓу македонското население, а притоа самите се прикажуваат како жртви на некаков си притисок од страна на државните власти – воопшто не се прифатени од најширокиот дел на македонските граѓани и на нив се гледа како на ретроградни здруженија со несоодветни методи на дејствување, помагани од туѓи служби за кои веќе рековме дека главната цел им е да предизвикуваат раздор.

Свое видување на настаните

Со ова писание немаме намера никого да навредиме или омаловажиме, туку да дадеме едно свое видување на нештата, со цел да преовлада пријателството и братољубието меѓу народите на Балканот. Воедно, немаме ни намера да им даваме отчет на т.н. „патриоти зад тастатурата“ во нивните вулгарни прозивки за нашата национална свест, ниту, пак, за нашите ставови за патриотизмот, љубовта кон Татковината, односот кон историјата и сл.

Важиме за отворен и транспарентен Манастир и сè што сме имале да кажеме во однос на овие нешта досега, објавено е на нашата официјална страница.

Писмените можат да прочитаат, а паметните и да разберат. Тука би го додале и фактот (иако ова нешто влегува во личното и интимно право на секој граѓанин и не е задолжително да се објавува) – дека за разлика од многу „македонски виртуелни патриоти“, ниту еден член од нашето братство нема двоен бугарски или пасош на некоја друга земја.

Напротив!

Сите сме граѓани и ѝ служиме единствено на македонската држава.

Дополнително, за информација на љубопитните и „загрижените“, иако и ова влегува во делот од интимата на секоја личност, објавуваме дека своето граѓанско право на изминатиов попис, јас и моите во Христа браќа и сестри монаси и монахињи, го исползувавме за да ја декларираме својата македонска национална припадност, што јасно ќе се докаже во пописните резултати и ќе биде, веруваме, доволен показател и доказател против секоја негативна кампања (иако знаеме дека станува збор за злоупотреба и обична злонамерна и популистичка пропаганда) против нашата заедница. За сите нас во Братството, македонските држава, народ и јазик претставуваат свето достојание од предците, а за нашата љубов и подвиг за нивниот добробит не е умесно да пишуваме ние: ќе оставиме за тоа да сведочат единствено делата.

Впрочем, должност на секој Христијанин е да ги љуби луѓето од својот род, од своето опкружување и да се моли и подвизува за нивно спасение, без притоа да ги мрази, омаловажува и навредува другите. Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од безверник (1. Тит. 5,10).

 

Поврзани новости