По објавените решенија на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања усвоени во 2018 и 2019 година во јавноста излегоа реакции во кои доминираа клевети, обвинувања и манипулации за ненаучност, предавство и бугаризација, без притоа да се понудат аргументи за тоа, а оние малку аргументи што се нудат всушност се произволни, нестручни и селективни толкувања на историјата, со употреба на празна и исполитизирана реторика за наводна бугаризација на Македонија и Македонците, се наведува во денешната реакција на македонскиот тим на Комисијата.
– Најголемото разочарување и истовремено иронија е тоа што во голем дел обвинувањата за наводното предавство се повикуваат на македонската историографија, која впрочем веќе ги нотирала фактографските податоци наведени во решенијата на Комисијата, се наведува во реакцијата.
Според членовите на Комисијата, најголемата лага е дека текстовите со кои се препорачува заедничко чествување ќе бидат применети во образовниот систем, иако при секоја можност досега е наведувано дека заедничко чествување е една, а препораките за учебниците сосема друга тема на дискусија.
– Личностите предложени за заедничко чествување се избрани поради нивното универзално значење за културите на современите држави и поради постоењето историски традиции во двете општества за нивната дејност, посочуваат од македонскиот тим на Комисијата.
Во однос на Св. Кирил и Методиј, членовите на Комисијата посочуваат дела во текстот никаде не се толкува дека тие се „бугарски словенски просветители“ и дека „словенската писменост старобугарска“.
– Во текстот пишува дека нивното дело „ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи. Прифаќањето и ширењето на писменоста и преводите на богослужбените книги им овозможува на словенските народи да се запознаат со христијанското учење на разбирлив јазик.“ Во продолжение се вели дека „делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа.“ Каде овде се кажува за бугарски карактер на светите браќа и нивната мисија, или, целта е намерно да се лаже јавноста и свесно да се поттикнува страв дека некој ќе ги „бугаризира“ Македонците?, велат во реакцијата членовите на македонскиот тим на Историската комисија.
Тие посочуваат дека во однос на Климент и Наум доволно е да се види што пишува во трудовите на најреферентните македонски автори кои јасно кажуваат дека тие по прогонството во Моравија биле пречекани со високи почести од бугарскиот владетел Борис, по што „Климент во 886 година официјално бил испратен на мисионерска работа во областа Кутмичевица…“, каде што се наоѓал Охрид.
– Во главниот извор за животот на Климент Охридски се вели: „Како што некогаш апостол Павле беше испратен од ангелот во Македонија така и овој пат Св. Климент од страна на благоверниот цар Борис е испратен во охридските краишта, односно во областа Кутмичевица“ (Свети Климент Охридски – хагиографија и химнографија, Македонска православна црква – Охридска архиепископија, Дебарко-кичевска епархија, Охрид 2016, 15.), се додава во реакцијата, при што се посочува дека и врз основа на извори се споменува дека Наум и Климент дејствувале во рамките на бугарската држава.
Според членовите на Комсијата, сето ова, вклучително и фактот што во црквата во манастирот Св. Наум постои и фреска на царот Борис, сепак тоа не им дава бугарски предзнак ниту на духовни, ниту на материјални дела на Климент и Наум.
– На кој начин укажувањето на основните фактографски податоци од 9. и 10. век нас Македонците нè прави Бугари? Каде се споменува во текстовите дека овие личности се Бугари или Македонци? Зар веруваме дека во 9. и 10. век постоеле Македонци и Бугари како што постојат денес?, прашуваат членовите на Комисијата.
Тие посочуваат и дека уште поинтересно е што овие податоци се дел и од македонските учебници по историја за средно образование, меѓу чии автори се оние историчари што деновиве овие фактографски податоци ги претставуваат како „бугаризација“.
– Според логиката на манипулациите досега ние одамна требаше да бидеме бугаризирани со оглед на тоа што се е нотирано во македонската историографија и македонското образование. Дали тоа значи дека некои од овие автори кои денес сеат страв дека со препораките за заедничко чествување ќе се „бугаризираат“ Македонците, всушност ја започнале „бугаризацијата“ на македонскиот народ уште пред повеќе од десет години? Зошто овие основни историографски податоци нотирани од страна на македонските историчари сега се проблем? И конечно, зошто недостига елементарна чесност од односните критичари да признаат дека препораките на Комисијата го содржат токму тоа што тие во своите трудови претходно го пишувале?, се додава во реакцијата.