Новите закани коишто ги донесе корона-кризата докажаа дека банкарскиот сектор во регионот и кај нас е отпорен на шокови и има капацитет да им одговори на предизвиците коишто можат да произлезат од руско-украинскиот конфликт. За заштита на економиите и финансиските системи, важно е монетарната политика постепено да се враќа во нормална состојба.
Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Десеттиот годишен состанок на гувернери и банкари од регионот, којшто се одржува во Ровињ, Хрватска.
Зборувајќи за банкарскиот сектор кај нас, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека банките го одржаа кредитниот циклус во сложените услови на пандемијата, додека кредитирањето дополнително зајакна од почетокот на годинава.