Македонскиот амбасадор во Украина, уште еден дипломат во Киев заедно со уште двајца други наши граѓани се во скривница. Не можат да отидат до нивните резиденции, а ноќта ја поминале во амбасадата, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи. Османи вели дека МНР е во постојан контакт со нив и се обидува да ги евакуира со конвоите кои би ги организирале и другите земји за нивните амбасади.
-Имав контакти со мои колеги од регионот. Во Киев има околу 20-тина амбасадори од членки на ЕУ, кои исто така не можат да излезат. Киев е опколен, цела ноќ имало воздушни напади. Правиме аранжмани, која било земја која ќе обезбеди прва транспорт, да ги извадиме и нашите дипломати до Полска. Меѓутоа, тие се во комуникација со нашите граѓани во Украина. Иако вчера поголемиот дел го минале во скривница, даваат патни листови. Но, и тие кои добија патни листови, не можат да излезат, информира Османи.
Во источниот дел на Украина заглавено е и семејство со едногодишно дете, а има и граѓани кои се во Одеса за кои МНР контактирало со Бугарија која има таму конзулат со цел заедно со бугарските да ги евакуираат и македонските граѓани.