Македонски порно – филм

Филмски пекол каде човечкиот живот нема никаква вредност во борбата со непријателот кој е многу помоќен и патолошки болен. Тоа е беше една од пораките на контроверзниот „Српски филм“, а станува веќе реалност. А најтрагично од се е што главните протагонисти се децата. Последната сцена ја „снимија“ деца од 10 и 13 години. Силувале дете од осум години, го снимале грозморниот чин и го праќале на познаници.

by fokus

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Бруталната приказна за животот на веќе семејниот, пензиониран порно-актер кој прифаќа да сними „уметнички филм“, пред повеќе од десет години ја шокираше и ја потресе публиката од регионот. Главниот протагонист во „Српски филм“, Милош е вовлечен во сурови, насилни и патолошко-сексуални ситуации за да се сними филм којшто ги користи луѓето како топовско месо.

Милош ќе влезе во еден филмски пекол, којшто треба да му обезбеди пари за цел живот, нему и на неговото семејство, пекол каде животот нема никаква вредност во борбата со непријателот кој е многу помоќен и патолошки болен. Но, дали е ова е еден забеган и контроверзен филм или филм што прв пат ни ја „фрла“ во лице стварноста во која живееме, какошто тврдат неговите создавачи?

Порнографијата и насилството за кои се „фаќаат“ прво гледачите, за авторите е само една малограѓанштина. И тука режисерот Срѓан Спасоевиќ поентира. „Во општество во кое малолетници снимаат порно филмови и ги прикачуваат на „youtube“, се тепаат, купуваат дрога, никој не се шокира, но еден филм со естетизирано насилство, предизвикува огромни контроверзии“.

Така е и во „македонскиот филм“ кој станува тешка лицемерна перверзија, а главните протагонисти, трагично, се тинејџерите и малолетниците. Само во една седмица во „македонскиот филм“ се „снимија“ неколку сцени со експлицитно наислство, но и мистерија.

Исчезнаа две девојчиња, Мелиса и Аниса. Мелиса, која има 15 години, среде настава, ја повикала три години помалата Аниса и од тогаш им се изгуби трагата. По тридневна потрага, девојчињата беа најдени, но уште никој не соопшти зошто избегале.

И кога веќе се најдоа децата живи и здрави, таткото на Мелиса прво што направи им се заблагодари на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

„Ваквите луѓе им требаат на нашиот народ“, напиша таткото воспевајќи ги првите луѓе на МВР. Но, она што јавноста ја интересира е зошто избегале двете тинејџерки, што точно се случувало во тие три дена додека ги немаше? Или секое дете некој може да дојде да го „собере“ од училиште и да исчезне?

Само што ги пронајдоа двете девојчиња беше прикажана уште една сцена од „македонскиот филм“. На новогодишна забава во Струмица било силувано дванаесетгодишно девојче, кое се уште е во основно училиште. А ја силувале 15-годишни малолетници кои може да се и основно или максимум да одат прва година средно.

На забавата во домот на едно од момчињата била дваесет и едногодишна девојка. Таа го опила девојчето го соблекла во една од собите, а двајцата малолетници ја силувале. Потоа, истата таа девојка го облекла девојчето и со клоци и шамари и го истепала.  Последната сцена ја „снимија“ деца од 10 и 13 години. Силувале дете од осум години, го снимале грозморниот чин и го праќале на познаници.

А за да разбереш што сѐ користат тинејџерите треба постојано да се „надградуваш“. Цигари и алкохол се веќе демоде, сега освен трева тие „вејпуваат“ и користат „снус“, никотински кесички коишто ги ставаат во уста и ги цицаат. И сето ова е лесно достапно и тешко за контролирање.

Двајца тинејџери од скопските средни училишта се самоубија, а 14-годишно девојче загина, качено на воз обидувајќи се да се слика за на „Тик-ток“. Најстрашно од се е што овие грозоморните сцени поминуваат веќе нормално, со коментар дека ете „младите забегаа“. И толку.

Побитно е што ќе рече Таче, Мицко, Груби и другите главни „фаци“ во државата Македонија. А и очигледно не треба да не изненадуваат. Па двајца наставници во училишта беа фатени со дрога, психолозите и педагозите се само „украс“ во училиштата, ниту ги интересира, ниту анализираат што е со децата чиј педагошки и психолошки развој имаат одговорност да го следат.

А, родителите се посебна приказна. Тие се еманципирани и современи, се „борат“ за правата на децата по фејсбук и вибер групи. А всушност се „борат“ ако може полесно да поминат. Тие имаат пари и „врски“ и друго не ги интересира. Оти нели, таков ни е системот, не може да го смениме ние или не дај боже да се бориме против него. Да гледаме ние да се протнеме.

Но, токму таа себичност и кусоглед ги создава ваквите „сцени“.  Парите и врските може ќе успеат, но сопствените деца ги втурнуваме во едно изопачено општество кое кога – тогаш ќе ги „изеде“. Општество кое сами сме го создале и сме им го оставиле. И нема совршен родител, човек, а уште помалку совршено општество. И нема да го смениме ни системот преку ноќ, но овие тешки „филмови“ треба да ни бидат освестување. Да ни бидат еден примарен крик.

Како што велат создавачите на „Српски филм“, да доживееме катарза преку уметноста за да се соочиме сериозно со проблемите. Да ни биде еден удар во стомакот од кој ќе ни се слоши и згади. А нам не треба да ни се снима ни посебен филм, мачната реалност која ја живееме е уметност.

Треба само храбро да ја погледнеме во очи и да се освестиме прво себеси. Дека тука веќе не може да се живее нормално без тешка порнографија и перверзија и да следиме само до кај нѐ доведе. Ако сакаме да го смениме крајот на филмот, не ничиј, туку својот.

Поврзани новости