Една од најпопуларните грчки пејачки, Ана Виси (59) три дена беше гостинка во Македонија. Таа била сместена во казиното ,,Фламинго’’ Гевгелија, каде што вчера имала настап, а помеѓу многубројната публика имало доста познати лица од македонската политичка сцена, бизнисмени, но и голем број на нејзини обожаватели од соседна Грција. Скопскиот бенд ,,Бузуки’’ и нивната вокалистка Рада Јаневска ја имале честа да се дружат со Виси, и велат дека останале воодушевени од нејзината едноставност, но добиле и многу комплименти за нивните изведби на познати грчки песни.
,,Ана е една прекрасна жена, со неверојатна харизма и убавина. Годините си ги носи со гордост, нема никакви естетски интервенции и изгледа како дваесет годишна девојка. Поминавме три дена во прекрасна дружба, ние уживавме во нејзините настапи со бендот од Грција кој што ја придружуваше, а таа пак уживаше во нашите изведби на грчки нумери. Многу ни значат нејзините комплименти, ни рече дека иако сме од Македонија, ги пееме грчките песни подобро од многу нивни искусни пејачи’’ – ни раскажа Рада, која што настапува со ,,Бузуки бенд’’ уште од 2001 година. Пред тоа имала соло кариера, но уште за време на првиот заеднички настап со ,,Бузуки’’ сфатила дека одлично се надополнуваат и ја продолжиле соработката.
,,Заедно со бендот постојано имаме настапи, освен во ,,Фламинго’’ гостуваме и во Грција, Србија, Словенија… Секаде го препознаваат нашиот квалитет, и не канат повторно. Кај нас, јас имав настап на ,,Макфест’’ во Штип во 2004 година со песната ,,Ако не си само мој’’ и се разочарав од македонските фестивали, па решив да пејам таму каде што сум ценета и каде што се вреднува мојот труд. Кога ѕвезда од калибарот на Ана Виси ќе ве опсипе со комплименти, тоа е многу повредно од било каква фестивалска награда’’ – вели Рада.
Таа додава дека освен Ана, во ,,Фламинго’’ често доаѓаат и други познати пејачи од Грција, но и од соседна Србија. Помеѓу гостите, освен грци, голем бил бројот и на македонски бизнисмени и политичари, но поради правилото за приватност, не ги откривале нивните имиња.
,,Настапот на Виси беше прав спектакл, и секако дека многу наши политичари уживаа во нејзините песни. Ова беше нејзино прво гостување овде, а балканската публика уште го помни нејзиното гостување заедно со Тоше Проески во една српска емисија, кога тој доста емотивно ја отпеа ,,Зајди зајди’’ и и ги наполни очите со солзи. Се надевам дека наскоро повторно ќе се дружиме со Ана’’ – изјави Јаневска.
Вики Клинчарова