На 8. Издание на најголемата спортска манифестација во градот покрај Охридското Езеро, Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, што оваа година ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни, ќе трча Дарио Ивановски, засега единствениот учесник од Македонија на Летните Олимписки Игри во Париз.
Улиците на Охрид претстојниот викенд ќе бидат олимписки благодарение на нашиот Олимпиец, кој токму во Охрид ќе ја бруси формата за настапот на ЛОИ во Париз.
Тоа подразбира и олимписко однесување на сите нас, а Охрид и охриѓани отсекогаш знаеле да ги ценат врвните спортисти и вистинските вредности кои придонесуваат за позитивниот имиџ на градот. Освен масовноста на настанот, се очекува и масовно присуство на граѓаните покрај патеката на која ќе се одвиваат трките на „Охрид трчаТ“, да им дадат поддршка на натпреварувачите меѓу кои ќе биде и македонскиот Олимпиец Ивановски.Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, што го организира АК „Охрид трчаТ“, почнува на 31 мај, петок, со Експо.
Денот ќе продолжи со работилница со „Strech Well“ – Србија, а ќе заврши со Ноќна трка чиј старт е предвиден во 21 часот по што следи концерт на „Камелеон“.Во сабота, 1 јуни, продолжува експото, а предвидени се рекреативни разгледи на градот и знаменитостите околу Охридското Езеро на гостинските делегации. На пладне ќе се одржи „Warm Up“ со Имлек протеин, а во 17 часот ќе се одржи панел дискусија „Децата и спортот“.Главниот настан во недела, 2 јуни, почнува во 07:45 часот.
Стартот на трката на 21 километар е во 08:15 часот, додека трката на 5 км стартува во 9 часот. Предвидена е и богата забавна програма за учесниците со диџеи, фан зони и зони за освежување. За безбедноста и сигурноста на учесниците ќе се грижат бројни волонтери и припадници на охридската полиција и Службата за спасување на планини и непристапен терен на Црвениот крст Охрид.За време на трките во недела, во делови од Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.-Ги молиме граѓаните за разбирање и трпеливост и ги покануваме да бидат дел од настаните на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, заедно да придонесеме за уште една успешна охридска приказна. Деталите за осмото издание на на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, ќе бидат соопштени на прес конференција во петок.