Со решение на Основниот суд Скопје, завчера „Македонски концепт“ и официјално прерасна во политичка партија. Симбол на партијата е непокорниот борец од Мечкин Камен.
„Македонски концепт“ нема да има класична структура со претседател, туку ќе биде организирана со тим лидери по различни области. Наместо претседател ќе има национален тим лидер (Петар Богојески), како и извршен директор и регионални центри.
М-р Владо Бангиевски, по професија адвокат ќе биде тим лидер на областа „Грижа за реалниот човек“. Во разговор за „Фокус“ тој вели дека прва цел на „Македонски концепт“ ќе биде промена на досегашната свест кај граѓаните дека не може да биде подобро.
Може и мора да биде подобро. Секако дека доброто не доаѓа само по себе, за него е потребна борба, но и разум, смета Бангиевски.
На прашањето кои се нивните очекувања како нова партија и дали очекуваат пратеничко место на следните избори, тој вели:
Секако дека очекуваме пратеничко место. Смислата на посторњето на политичките партии е освојување или партиципирање во власта. Но, најпрво очекуваме фер и регуларни избори кои би овозможиле целосна презентација на политичката воља на граѓаните. На минатите парламентарни избори, иако настапивме како политичка платформа, бевме грубо ограбени. Се надеваме дека на следните парламентарни избори – кога и да се случат, таквото сценарио нема да се повтори.
Во однос на тоа дали во структурата на партијата има личности кои и се познати на јавноста, Бангиевски вели дека има, но тие тргнуваат од тоа дека многу поважен е квалитетот на луѓето кои се или ќе бидат во партијата, отколку звучноста на имињата.
Знаете, понекогаш звучноста на некое име може да има и негативен ефект, заклучува Бангиевски.
Тој реагира и на одземањето на училишната зграда во Тетово на гимназијалците кои се образуваат на македонски јазик, одлука од која вицепремиерот Артан Груби под притисок на јавноста се повлече.
Недозволиво е било каква етничка, или по друга линија, поделба на граѓаните во процесот на образование! Дискриминирање на било кого, во образовниот процес, по етничка линија, со дејствија на одземање на објекти или на било кој друг начин, мора да има за последица санкционирање на одговорните за таквите постапки!
Постојат единствено образовани и необразовани граѓани, а не образовани и необразовани етнички групи!, смета Бангиевски.
К.С.Б.