Крушевчанецот Тодор Ѓорѓиески почина во саботата во Холандија, а транспортот на неговото тело во Крушево да биде погребано ќе чини многу. Како што не информираа од семејството, сопственикот на фирмата во која работел Ѓорѓиески ќе го плати транспортот, но потребни се финансии и за други трошоци.
На социјалната мрежа Фејсбук отворена е донација од Игор Јованов, кој работи во транспорт во Шведска, со лимит од високи 36.207 долари (29.455 евра). Како што вели тој, таа бројка е толкава со цел што побрзо да бидат собрани парите и предадени на семејството.
„Пораката ја добив од македонски возачи дека Тоше починал во странство и решивме барем на овој начин да помогнеме на фамилијата. Јас Ѓориески не го познавам лично, но сакам да помогнам. Тоа е најмалку што можеме да го направиме“, ни изјави Јованов за „Фокус“.
И градоначалникот на Крушево, Томе Христоски ни истакна дека општината ќе помогне финансиски за транспорт на телото.
„Ние ќе помогнеме финансиски исто така, сумата се уште не е утврдена, но ќе биде позната во наредните денови. Тука се и сите спортски организации, комуналното претпријатие, сите хумани граѓани“, рече Христоски.
Ѓорѓиоски почина на 54-годишна возраст, а долги години беше спортски активен најпрво како одбојкар, а подоцна и како одбојкарски тренер во Крушево. Последните неколку години работеше во транспортот ширум Европа.
За трошоците кои се потребни за да биде погребан Ѓорѓиески, може да донирате средства на овој ЛИНК
Јорданчо Цветаноски