Од просторите на Македонија излегле многу фудбалски таленти кои направиле значителни резултати во клубовите од земјава, но и во странство. Со макотрпна работа, не е лесно да се биде фудбалер во македонски услови, иако некои од клубовите се обидуваат да го кренат стандардот на некое повисоко ниво.
Еден од клубовите од кои излегуваат многу таленти е Работнички кој се труди на фудбалската сцена да исфрли играчи кои ќе ги бранат боите на нашата репрезентација.
„Стратегија на Работнички е давање можност на млади и перспективни играчи кои подоцна прават трансфер во познати европски клубови и достојно го презентираат македонскиот фудбал како на клупско така и на репрезентативно ниво“, вели Ненад Монев од ФК Работнички.
Младинската академија на клубот моментално брои околу 300 млади фудбалери, на возраст од 8 до 19 години, но, сепак, тука се работи на лимитирана бројка на деца која може клубот да ја има, со оглед на програмата за работа со млади категории и условите во кои овие 300 млади фудбалери тренираат секојдневно.
Добро за македонскиот клупски фудбал што многу дечиња изразуваат желба да почнат да се бават со овој спорт, но селекцијата е многу строга.
„ФК Работнички сам по себе е атрактивен клуб, што од местоположбата на клубот и нашиот спортски центар, што од историјата на клубот, стратегијата како и вредностите кои ги негуваме и средината во која се развиваат овие млади фудбалери. За нас е многу важен момент во развојот на децата и педагошкиот аспект, притоа сме свесни дека не можат сите да станат врвни фудбалери за нашето македонско ниво, секогаш се стремиме да влијаеме и во нивниот развој на вистински личности во иднина“, додава Монев.
Кога станува збор за платите, ситуацијата е различна секаде, па така некаде се зема и минималец, а некаде платите достигнуваат до вртоглави суми. Повеќето од клубовите се трудат да им понудат пристоен живот на фудбалерите во Македонија.
„За сите фудбалери се обезбедени станови за живеење не подалеку од еден километар од локацијата на клубот, сите живеат во популарното Дебар Маало, каде и е основан клубот. Редовно го имаат на располагање клупскиот ресторан каде се хранат и каде им се обезбедени оброците. Покрај ова ги имаат сите квалитетни предуслови за професионална работа од аспект на медицински третман, терапии, суплементација, теретана и фитнес, користење на спа центри кои се во соработка со клубот и ред други бенефиции“, раскажува Монев.
Претседателот на Синдикатот на фудбалер во Македонија и некогашен фудбалер, Панче Ќумбев за „Фокус“ дава своја анализа за состојбите на клубовите во Македонија.
„Има неколку клубови кои се многу добро организирани и добро стојат финансиски за наши балкански услови, но има за жал и клубови кои преживуваат од денес за утре и немаат голем буџет. Половина од клубовите во Прва и Втора македонска лига буџетот го креираат во зависност од ваучерот кој го добиваат од Агенција за млади и спорт. За многу од нив за жал тоа е единствен извор на финансии“, вели Ќумбев.
Кога станува збор за финансискиот момент, состојбата според Ќумбев е различна во сите клубови од македонското првенство.
„Оние што играат во добростоечките клубови земаат добри плати и можат да живеат повеќе од добро во Македонија. Но, за жал оние кои се во финансиски послабите клубови имаат само за нормален живот и ништо повеќе од тоа. Има играчи кои земаат многу високи плати, а има играчи кои играат и за минималец“, додава тој.
Гледано со околните земји, дали нашите фудбалери добиваат подеднакво добар третман со прволигашите од балканските земји?
„Ние сме можеби на исто рамниште со Албанија, Косово, Црна Гора во финансиските услови, но гореспоменативе држави сериозно грабат напред на фудбалски план и на добар пат се да дојдат на ниво со Србија, Бугарија, Грција, Хрватска .Ако говориме за третманот мислам да,играчите имаат основни права и стандарден договор кој го потпишуваат и се заверува во ФФМ. Но, сериозен проблем е оној анекс договор кој за жал го потпишуваат или уште полошо го договараат во четири очи со клубовите.
Таму се договараат поголеми суми на пари и скоро секој спор што ние како Синдикат сме го воделе против клубовите во име на играчите е всушност тој анекс договор. Ги советуваме играчите да не ги потпишуваат тие анекс договори, и ако веќе го потпишуваат пожелно е да се јават кај нас и да го провериме тој договор“, смета Ќумбев.
Условите во кои тренираат дел од фудбалските клубови од земјава се прилично лоши, и инфраструктурата е една болка на македонскиот клупски фудбал. За жал, ние каскаме во место за оваа проблематика.
„Освен неколку клуба кои што имаат свои терени за работа и нормално услови, другото е се импровизација. Лоши терени, лоши стадиони. Погледнете само некој натпревар од српската или хрватската лига на Арена и ќе видите голема разлика. Мораме сериозно да вложиме во терени, стадиони и спортски комплекси ако сакаме да се надградуваме на фудбалски и спортски план. Да вложуваме во спортската медицина како една посебна гранка во фудбалот. Повредите се составен дел од спортот и напредната спортска медицина го забрзува процесот на рехабилитација“, истакна Ќумбев.
Факт е дека и нашите најдобри клубови се зад најдобрите фудбалски колективи од земјите од Балканскиот полуостров. Финансиите кои се вложуваат во околните земји се многу повисоки од тие кај нас.
„Евидентно е дека најдобрите екипи од нашата земја се многу далеку од најквалитетните екипи од земјите во регионов како Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција и Албанија, па до некаде и Косово. ФК Работнички и лично јас имаме можност постојано да соработуваме и да комуницираме со нашите колеги, не само од Балканот, туку и од цела Европа. Парите кои ги вложуваат во спортот другите држави, се неспоредливи со ова што се случува кај нас. Самиот принцип на функционирање и бенефитите кои ги имаат клубовите се многу поголеми и може да им овозможи нивна финансиска стабилност на подолг рок“, порача Монев.
Претседателот на Синдикатот на фудбалери, Ќумбев смета дека во фудбалските школи не треба да има преоптоварување и треба да се прави селекција од најраните години.
„Ние за жал сме далеку далеку од европска работа во школите и академиите. Невозможно е во една генерација во една школа да има по сто, двеста дечиња. Генерацијата ја сочинуваат дваесетина деца квалитетно селектирани. Се додека мора сите да играат затоа што родителите плаќале чланарина, ние ќе немаме квалитет. Можеби звучи сурово но, тоа е реалноста. Родителите им прават непотребен притисок на децата, а со тоа само одмагаат, а не помагаат. Оставете ги децата да тренираат и да ги слушаат тренерите. Тие луѓе се школувале и знаат како треба со деца“, порачува искрено Ќумбев.
Ако за натпреварите кога игра репрезентацијата публиката почна да се враќа на стадионите, тоа за жал не е секогаш така кога се играат првенствени натпревари во ПМФЛ. Тука играат многу фактори за да се направи тоа.
„Тука се квалитет, сериозни спонзори, тв преноси. Сето ова мора да го дигнеме на повисоко ниво. Ни недостасува некој блесок на наш тим во Европа, ни недостасува појака и поконкурентна лига. Далеку сме од Звезда, Партизан, Динамо, Хајдук. Но, овие клубови имаат историја голема уште од поранешната држава и тешко дека сега за сега може да се рамниме со нив. Со сериозни спонзори, проекти, со спортски луѓе (поранешните наши асови) сето тоа можеби ќе биде реално за десетина, дваесетина години“, смета Ќумбев.
И нашиот соговорник од Работнички, Ненад Монев смета дека треба континуирано да се вложува во фудбалот во Македонија, кој во многу наврати се покажа како најдобар репрезент во европски и светски рамки.
„Не гледам некоја посебна заинтересираност на спонзорите за инвестирање и финансиска помош на клубовите. Сметам дека моментално климата и опкружувањето кое влијае на одредени економски текови во државава, се уште го немаат потребното влијание на потенцијалните спонзори и развој кај нив и нивната свест за промоција преку спортот, особено фудбалот. Тој бара постојано и континуирано инвестирање доколку сакаме да дојдеме до посакуваните резултати и секако не може се преку ноќ.
Ние освен помошта која ја добиваме преку реализацијата на ваучерите, дополнително немаме никаков финансиски бенефит, освен од продажбата на играчите. Ова претставува модел на самофинансирање и кој за ова ниво на функционирање сметам дека добро го спроведуваме“, вели тој.
Според него, мора во иднина да се најде модел како уште повеќе ќе се стимулираат потенцијалните спонзори да ги зголемат своите вложувања, со што сите би имале заеднички поголем бенефит. Пред се развојот на фудбалот и спортот воопшто.
ФК Работнички има голем бенефит како член на ЕКА (Европската Клупска Асоцијација). Да се биде на иста маса со претставниците на европски гиганти како Пари Сен Жермен, Милан, Интер, Манчестер, Ливерпул, Рома, е непроценливо искуство. Монев раскажува дека од сите нив може многу да се научи, било да се работи за менаџирање на клубот, кадровската поставеност, орагнизација на европски натпревари, однос на клупско ниво, меѓусебни релации, планирање, подготовка или реализација на разни проекти и тоа како важни во современиот европски фудбал.
ФК Струга Трим – Лум е релативно млад клуб, кој е формиран во 2015 година и засега успешно се носи со предизвикот наречен Прва фудбалска македонска лига. Тимот е моментално на осмото место со 36 бода, еден помалку од седмопласираниот Работнички.
Тали Шаќири од овој клуб е среќен што Струга има прволигаш после долго време, што е мотив повеќе за дечињата од овој регион да го засакаат фудбалот.
„Во Струга секогаш имало талентирани деца во фудбалот кои настапувале и за репрезентацијата. Наша цел е развој на фудбалот и работа со млади деца, кои долго време не виделе клуб во ПМФЛ“, смета Шаќири.
Исто и како сите клубови во земјава, така и Струга Трим – Лум се труди да им обезбеди добри услови на фудбалерите кои го носат дресот на оваа екипа.
„Платите во нашиот клуб почнуваат од минималната плата за најмладите деца, па нагоре, во зависност од квалитетите на играчите. Фудбалерите што не се од Струга и играат во нашиот клуб, ги имаат бенефициите што ние им го плаќаме сместувањето во стан и храната“, вели Шаќири.
Нашиот соговорник е задоволен што зад овој клуб стои компанија која финансиски го помага, што според него, е за поздравување во време на криза.
„Компанијата Трим и Лум е најзаслужниот за успехот на овој тим и историскиот успех од минатата сезона која ја завршивме на третото место и се натпреварувавме во Конференциската лига. Да се инвестира во спортот во вакви времиња е само за поздравување“, додава тој.
Шаќири смета дека според фудбалски квалитет нашите клубови не се далеку од балканските гиганти, но потребно е сериозно вложување на инфраструктурен план.
„Сметам дека според фудбалски квалитет не сме толку далеку колку што изгледа и колку што не се цени нашиот фудбал. За да се поправи тоа и да направиме чекор напред, Владата треба да се заинтересира повеќе за фудбалот со финансиска помош и подобрување на инфраструктурата, со цел децата да имаат подобри услови за работа“, го заврши разговорот Шаќири.
Во прволигашката конкуренција во Македонија, моментално тимот на Шкупи е на првото место со 68 бода, 10 повеќе од второпласираната Академија Пандев, но и натпревар помалку, а Шкендија е трета со 53.
Јорданчо Цветаноски