Македонски државјанин пронајден починат во мотел во Урошевац, со него била и жена по која се трага

by Fokus

Македонски државјанин вчера е пронајден во градот Урошевац во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според информациите, се работи за маж на 61-годишна возраст, кој бил пронајден мртов вчера попладне во мотел.

Портпаролот на полицијата за регионот на Урошевац, Канун Весели, во изјава за медиумите информира дека телото на македонскиот државјанин било пронајдено во четвртокот околу 16:35 часот.

– На 15.02.2024 година, околу 16,35 часот, добивме информација дека на автопатот Урошевац-Приштина, во мотел во Урошевац, без знаци на живот е пронајден 61-годишен маж, државјанин на Северна Македонија. Неговата смрт е констатирана од страна на лекарски тим, изјави Весели.

Тој рече дека полицијата излегла на местото на настанот, додека по налог на надлежен обвинител, телото на починатиот е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина.

Од полицијата додаваат дека во собата во мотелот со починатиот имало и жена, по која полицијата трага.

Случајот се води како „сомнителна смрт“.

Поврзани новости