Македонскиот дипломатски синдикат со голема загриженост ја прими изјавата на Државната Комисија за спречување на корупцијата, која побара одговорност од министерот за надворешни работи Османи заради злоупотреба на 15 службени возила од МНР и 2 позајмени возила од Агенцијата за разузнавање за партиски активности и цели за време на локалните избори во 2021 година. Уште повеќе не онеспокојува негирањето на Османи, кога Антикорупциска тврди дека има и докази за ова, се вели во соопштението на МДС.
„Исто така, големо лицемерие е да се каже дека тој „како и секој друг човек има право на пауза за одмор“ кога одморот во работно време го користел за партиски активности. Османи многу добро знае дека овакво нешто ни случајно не им е дозволено на дипломатите во МНР, кои согласно прописите не смеат да помислат на партиски активности во работно време, па дури често пати незаконски биле дисциплински гонети за настапи во јавност за време на викенд, што инаку не е забрането.
Што би рекле старите Латини: “Quod licet Jovi, non licet bovi” („Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“)!
Веќе трета година без успех бараме од Османи да ја објави листата на корисници на седумдесетината паркинг места во сопственост на Министерството за надворешни работи. Списокот упорно се држи во тајност, иако паркингот е сопственост на Министерството и треба да им служи на вработените, јавно и под јасни критериуми, се разбира. Такво нешто, за жал, не постои и згора на тоа, како Синдикат имаме информации дека картички за користење на паркингот на МНР имаат и лица надвор од нашата институција. Доколку е точно, ова исто така претставува коруптивна активност, можеби не директно за пари, но за купување влијание секако.
Потврдувајќи го извештајот на Центарот за граѓански комуникации од минатата година, дека МНР е најнетранспарентно министерство во Македонија, Бујар Османи упорно ги игнорира сите прашања на вработените и Синдикатот врзано за социјално-економски, финансиски, здравствени и професионални права. Во МНР е се обвиткано со вел на тајна. Така, тој упорно одбегнува да ни појасни по кој основ било определено дека износот на К-15 ќе изнесува 9.000 денари, кога законските прописи кажуваат дека регресот изнесува 40% од просечната плата, што изнесува околу 4.000 денари. Кога тие пари ќе се помножат со бројот на вработени, се доаѓа до сумата од 20-30.000 евра, незаконски одземени од вработените ?!
Вршењето министерска функција бара голем интегритет и МДС секогаш ќе биде коректор на однесувањето на раководството и ќе укажува на злоупотреби и неоправилности, со цел зачувување на дигнитетот на вработените и остварувањето на нивните права“, додаваат оттаму.