Македонски Бугари одбележаа 97 години од смртта на Мара Бунева

by Фокус

Група од десетина граѓани кои се идентификуваат како македонски Бугари денеска ја одбележаа 97-годишнината од смртта на Мара Бунева со положување цвеќе на спомен-плочата поставена во нејзина чест на кејот на реката Вардар, во центарот на Скопје.

Настанот започна со панихида во црквата „Св. Димитрија“, по што учесниците се упатија кон спомен-плочата. Покрај плочата, тие поставија и слика на Мара Бунева, оставија цвеќе и се фотографираа заедно, по што се разотидоа.

Во изјава за медиумите, еден од учесниците истакна дека очекуваат македонските Бугари да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа ќе придонесе за надминување на омразата меѓу балканските народи.

-Македонија си е држава, но има и македонски Бугари. Ние месните, овде што се собираме, сме македонски Бугари. Кога еден ден ќе нѐ стават во Уставот, се ќе си дојде на свое место. Очекуваме тоа да биде наскоро, тоа е природен процес, мора да биде тоа така. Само ние не сме во Уставот – рече тој.

Мара Бунева (1902-1928), родена во Тетово, на 14 јануари 1928 на кејот на Вардар во Скопје извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ и потоа се самоубила.

Поврзани новости