Владата ги ограничува активностите на Фетулах Ѓулен и неговите приврзаници во земјава. Медиумите блиски до власта јавуваат дека владата на последната седница веќе донела одлука за санкции против приврзаниците на противникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Според неофицијални информации, со тоа се опфаќа затворање на невладини и образовни институции за кои биле побарани мерки од Анкара.
Министерот за надворешни работи Никола Поповски ниту потврдува ниту демантира дека ќе следат санкции за приврзаниците на Ѓулен. Тој вели само дека македонската влада ја поддржува демократската избрана власт во Анкара, но потврдува дека има донесено одлуки согласно нашето законодавство.
-Нашиот став беше и ќе биде дека Македонија единствено ги поддржува демократски избраните власти во Турција и во тој поглед ќе соработува со Владата во Анкара за остварување на нивните цели, секако во рамки на нашето законодавство и нашите интереси. Во поглед на прашањето за одлуки на Владата, да, Владата има донесено одлуки, сите одлуки кои би ги носеле и ќе ги носиме се во согласност со нашето законодавство, нашите национални интереси и тоа било и ќе биде, рече министерот Поповски по денешната средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.
Инаку, дел од провладините медиуми веќе го посочија училиштето Јахја Кемал, како едно од институциите за кои е донесена одлука за затворање.Од училиштето пак, тврдат дека до нив нема стигната никаква забрана и ќе продолжат да работат.
Покрај Јахја Кемал, турската агенција Анадолија, како блиски до Ѓулен, ги наведе и неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, агенцијата „Башак“, компанијата „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР.
Инаку, Турција побара ограничување на работата на организациите поврзани со Ѓулен од целиот регион. Таквите барања Косово и Албанија веќе ги одбија, а нема одговор од Босна и Херцеговина.