Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера непосредно покрај границата со Грција уапсила две лица, кои на илегален начин ја преминале границата и се обиделе да пренесат 40 килограми марихуана во вредност од околу 200 илјади евра.
„На 10.08.2023 во 23.30 часот од страна на полициски службеници на граничната полиција од Регионалниот центар Југ, во близина на местото викано Вршник Бара, непосредно покрај граничната линија со Република Грција, биле забележани две лица кои од територија на Република Северна Македонија исфрлиле две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминале граничната линија“, соопшти МВР.
Од полицијата објаснуваат дека поради сомнение дека во торбите се пренесува марихуана, Регионалниот центар Југ во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи ги известиле Службата за дрога со седиште во Килкиз и грчката гранична полиција.
„Како резултат на заедничките и координирани активности на полициските службеници од двете земји за кусо време се пронајдени двете торби во кои биле сместени околу 40 килограми марихуана, а малку подоцна се лишени од слобода се В.Х.(36) и Е.Џ.(52), двајцата државјани на Република Албанија. Двете лица од страна на грчката полиција се задржани за понатамошна постапка и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти МВР.
Од МВР велат дека ова е втора ваква заедничка акција од почетокот на август помеѓу двете полиции, при што и во првата беше спречен транспорт на 40 килограми марихуана.
Како резултат на разменети информации помеѓу Секторот за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција, Регионалниот центар Југ и Службата за борба против дрога од градот Килкиз.
Според МВР во првата акција, на територија на Грција беше лишен од слобода грчкиот државјанин Ј.С., кај кого е пронајдена марихуаната.
„Воспоставената успешна соработка помеѓу службите за борба против дрога и граничната полиција од двете земји, што во кус интервал резултираше со овие две успешно реализирани акции за спречување на меѓународен транспорт на дрога, ќе продолжи и во иднина, со цел спречување на секаков вид на прекуграничен криминал“, соопшти МВР.