Текстот е објавен на 6. април 2012 година во неделникот „Фокус“.
Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА
„Не може да спие. Страшно е повреден. Нема апетит. Напнат е, бдее во вечерните часови, повредена е неговата личност, човечкото и професионалното достоинство. Трпи душевна болка од различен степен, квалитет и времетраење”.
Ова не е срцепарателна приказна за некој татко што изгубил син, претрпел неправда, на некој кој бил сведок на убиство…
Ова е душевната состојба на Сашо Мијалков, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање! Причината е прес-конференција на СДСМ, одржана на 14 декември 2007 година. Дијагнозата на Мијалков е потврдена во февруари годинава, со потпис и печат од судскиот вештак, невропсихијатарот Панде Видиновски.
За ваквата нарушена психичка состојба на директорот на УБК, виновен е Јани Макрадули, кој ја држел прес-конференцијата. Тој треба да му плати на Мијалков 3 милиони денари (околу 50.000 евра), но, прашање е дали со овие пари на директорот на УБК ќе му се врати сонот, апетитот, нормалната душевна состојба, односно, дали парите ќе можат да му надоместат во иднина тој да може професионално да ја извршува својата работа? Доколку не, сериозно треба да се запрашаме -кој стои на чело на еден од најважните сектори во државата?
МНОГУ ЧУВСТВИТЕЛEН ЧОВЕК
На најтешкиот ден за директорот на УБК, кобниот 14 декември 2007 година, тој пуштил да гледа А1 телевизија. Во етерот одел прилог со наслов – „Мијалков ја злоупотребува опремата за прислушување”. На прес-конференцијата,Макрадули рекол:
„Дали во целава оваа година и половина, додека е формално прв човек на УБК и фактички прв човек на полицијата, Мијалков ја искористил својата позиција за да влијае на случувањата на македонската берза и за да има навремени информации кои ќе му обезбедат сигурна заработувачка и дали се точни се погласните сомневања во јавноста, дека опремата за прислушување во МВР се злоупотребува за тргување на берзата?”.
За да не се обидуваме да доловиме како се чувствувал тогаш Мијалков, ќе пренесеме автентични делови од она што тој му го кажал на невропсихијатарот Видиновски кога отишол на преглед:
“Силно се вознемирил. Уште повеќе се вознемирил и се почувствувал силно повреден како личност од продолжетокот на изјавата на тужениот. Ги погледнал изненадената сопруга и децата, кои биле запрепастени од она што го слушаат. Сашо и домашните со неверување и со максимален интерес ја слушале изјавата на потпретседателот Макрадули. Шокиран, не знаел што да мисли. Бил бесен. Децата го погледнувале вознемирено и со прашални погледи. Знаел дека сета јавност го видела тоа. Вознемирен, цела ноќ не заспал”.
– Излегува дека сум најдолен криминалец во очите на сите – му се пожалил Мијалков на невропсихијатарот Видиновски. Во наредниот период, барем според она што го пишува во психијатриското вештачење, состојбата на Мијалков не била на завидно ниво.
„Како да им погледне во очи на луѓето околу него, на премиерот, кај кого уживал висок углед и доверба, особено со својата професионалност? Неистомислениците од јавноста добиле материјал за невкусни коментари кои ќе ги „преџвакуваат“ насекаде. Наредните денови постојано бил напнат, вознемирен, не можел да спие, изгубил апетит. При секое споменување на таа прес-конференција во јавноста или во медиумите, во долг период повторно сериозно се вознемирувал. Решил да побара судска сатисфакција, со намера да се разјасни вистината и да престанат коментарите во јавноста. Добил судска сатисфакција со која тужениот бил огласен за виновен и казнет. Но, и покрај тоа, срамот и повредата која му била нанесена, не исчезнала до крај”, се вели во психијатриското вештачење на Мијалков.
Невропсихијатарот Видиновски го карактеризира директорот на УБК како сензитивна личност, па оттаму тој имал „чувства на анксиозност, депресивност, тешка пониженост”. Не можел да спие мирно, често бдеел со вечери, постојано воздивнувал и не можел да ги врши секојдневните рутини. Па така, неизбежно се поставува прашањето, колку е правилно зад челното место на УБК да стои човек кој не може да ги врши секојдневните обврски, кој не спие доволно и е депресивен, пет години по одржувањето на прес-конференција на опозициската партија?
ОСРЕДНО УХРАНЕТ И СО СРЕДЕН РАСТ?!
Јани Макрадули од СДСМ, со пресудата на скопскиот кривичен суд, беше осуден на казна од 1.000 евра за навреда и клевета на Мијалков. Подоцна, следуваше и приватната тужба со казна од 3 милиони денари. Во лекарскиот наод, невропсихијатарот, освен што дијагностицирал анксиозност, депресија и вознемиреност, Мијалков го карактеризирал и како човек со „среден раст, осредно ухранет”.
– Основниот суд Скопје 1 ме осуди без да ме сослуша, додека бев на светската „Е-парламент” конференција и ја претставував Македонија. Подоцна следуваше и приватната тужба. Самиот факт дека според лекарот, Мијалков е со среден раст и е слаб човек, зборува дека тој најверојатно не го ни видел. Покрај тоа, во лекарскиот наод се содржани 90 отсто изјави на Мијалков што се сосема спротивни од неговиот изглед, кога даваше изјава по самата прес-конференција. Сега, прашање е дали личност со ваков профил може да ја извршува работата или пак безбедноста на државата е загрозена – вели Макрадули.
Макрадули сега ја тужи Македонија пред Европскиот суд за човекови права, според кој јавните функционери мораат да бидат свесни за тежината на функцијата и подготвени да ја понесат, а пратениците имаат задача јавно да отвораат теми. Сите пратеници кои ја тужеле својата држава, како на пример Ленгенс против Австрија, Соколовски против Полска, Кастелс против Шпанија, ги добивале споровите пред овој суд, а во матичните држави биле осудени за клевета.
Судскиот вештак, невропсихијатарот Видиновски не беше расположен да зборува за конкретниот случај и за психичката состојба на директорот на УБК.
– За вакви прашања ќе мора да се обратите во судот, јас не можам да давам посебни објаснувања. Во принцип, медицинските вештачења се изготвуваат врз основа на повеќе критериуми, како медицинска литература, психолошки вештачења и слично. Тука нема ништо специјално. Судот, ако има нешто нејасно или сака нешто специјално да побара, може да се обрати повторно – ни рече Видиновски.
Колку и да не се разбираме од психологија и психијатриски вештачења, од чиста љубопитност, би сакале да знаеме, како ли изгледа сето тоа? Дали Мијалков лежи на кревет и вели, нервозен сум, не можам да спијам? Како ли се докажува тоа? Колку е навистина точно дека некој обвинет страда од депресија, колку е лесно да се одглуми дека си нервозен, од една страна, а колку е лесно некој да ја потврди таа дијагноза и да стави потпис, од друга страна?
КОГА СИ ВО ДЕПРЕСИЈА, ПОБРЗО ТИ РАСТЕ ИМОТОТ?
Чудно влијае психичката состојба врз луѓето, особено кај високите функционери подложни на депресија, анксиозност, несоница и тешкотија при вршењето на секојдневните рутински работи. Очигледно, овие состојби можат да влијаат и позитивно, бидејќи, во случајот на Сашо Мијалков, откако беше одржана прес-конференцијата на Макрадули до денеска, неговиот имот видно се зголемил.
Оттогаш, тој купил половина од уделите во странска фирма, не се знае која, во вредност од фантастични 240 милиони денари. За 30 милиони денари продал основачки дел од фирма, во 2009 година заработил дополнителни 400 милиони денари, истата година се стекнал и со денарски и девизни депозити во повеќе банки во висина од 120.000 денари.
Па така, во последниве пет години, токму кога директорот на УБК го доживувал најтеш киот период полн со несоници, вознемиреност, губење на апетитот и концентрацијата, тој не ја изгубил вештината на располагање со парите и дополнително заработување!
ДУШАТА НАЈМНОГУ БОЛИ КОГА СИ НА ВЛАСТ!
И не е само Мијалков од блиското опкружување на Никола Груевски за кои со судско вештачење е утврде но дека страдаат од анксиозни рас тројства. Така, и поранешниот министер за одбрана Зоран Коњановски, како директор на РЕК „Битола”, доживеа растројство по тврдењата на пратеничката Весна Бендевска за наводни црни рекорди во комбинатот. Дијагнозата му беше воспоставена дури една година поизјавата на Бендевска. Судскиот вештак од Битола утврдил дека симптомите на растројство биле најинтензивни во првите две недели, кога министерот се срамел да оди по улица и земал седативи.
Сега, Бендевска на Коњановски му должи околу 4.500 евра. Но, останува отворено, какво е тоа растројство на поранешниот министер, кога оттогаш неговата кариера тргна во нагорна линија, односно, кратко по дадената изјава на Бендевска во 2008 година, тој стана министер, а сега е заменик-министер за земјоделство?
Навистина е дискутабилно, како Коњановски, така растроен, трчаше на вонредните парламентарни избори, бидејќи беше втор на изборната листа во петтата изборна единица, а потоа се нафати да води сериозен ресор како одбраната? Навистина загрижува фактот што клучните ресори во државата Груевски ги доделува на лица кои се во специфична душевна состојба, особено кога станува збор за безбедноста на Македонија!
Но, не се само овие случаи што оставаат дилеми за тоа како се вршат судските вештачења. Во спорот против основачот на „Фокус” Никола Младенов за швајцарските сметки, за Хари Костов беше побарано судско вештачење, додека за Бранко Црвенковски не. Очигледно, не важат за сите истите аршини кога е во прашање психичката состојба. Испаѓа дека само оние кои што се на власт се соочуваат со болки во душата кога станува збор за клеветата. Истите оние кои раководат со државата, не можат ни да спијат ни да јадат кога ќе го вклучат телевизорот или ќе го отворат весникот, и ќе дознаат дека некој, не дај Боже, ги критикува или поставува прашање!
Така, екс-лидерот на ЛДП, Јован Манасијевски, од кратовскиот суд експресно беше осуден на казна од еден милион денари за душевните болки што ги преживеал лидерот на социјалистите Љубисав Иванов – Ѕинго. Кај Ѕинго, душевната болка се манифестирала со напнатост, повремена нерасположеност, потешко заспивање, непријатно чувство. Тегобите биле изразени 30 дена по настанот, а потоа се намалиле, но и сега се чувствувал непријатно кога некое од внучињата ќе му споменело дека поради тоа има проблеми на училиште!
Навистина боли душата кога си на власт. А душевната болка е скапа работа. Груевски, очигледно, добро треба да преиспита, кој ги води клучните сектори во државата. Сепак, за да се контролира одбраната, земјоделството, безбедноста, потребно е многу повеќе од несоници, седативи и недостиг од концентрација. И за крај, се прашуваме, колку ли од владините претставници ќе беа на овие позиции ако беа воведени задолжителни психијатриски тестови во Владата? Или тогаш, можеби ќе важеа други аршини?
Добро разработени шеми судија-вештак-тужител
Психијатриските вештачења се прават по наредба на судот до одредена институција, болницата за душевно болни „Бардовци”, или пак до Државната клиника за психијатрија. Една од овие две институции треба да одреди кој вештак ќе го врши прегледот на обвинетиот. Вештакот се плаќа од буџетот на Република Македонија, а по барање на судот, доколку една од страните не е задоволна од вештачењето, се прави и супервештачење од страна на Институтот за судска медицина. Но, најчесто, до вакво вештачење никогаш не се стигнува.
И сето ова изгледа сосема во ред, ако не постоеја добро разработени шеми на релација тужители-судиивештаци. Судски извори за „Фокус” сведочат дека дијагнозата може да се донесе дури и да не се види тужителот. Впрочем, најтешко е да се докаже дека некој не спие, не јаде и воздивнува почесто од потребното, нели?
Сѐ е оставено на довербата во вештакот. А судиите, очигледно им веруваат само на душевно болните, блиски до власта!