Македонската армија меѓу 10-те најлоши армии

by Fokus

Последниот извештај на „Global Firepower“ покажува дека македонската армија е на 134 место од 140 држави во светот.

Индексот за „Global firepower“(статистичка веб страница) ги рангира армиите на 140 земји годишно. Излегоа и резултатите за 2022 година, кои се засновани според многу фактори поврзани со одбранбена воена кампања или продолжена офанзива.

Според податоците Србија ја има најмоќната армија од државите на поранешна Југославија, како и една година порано, и е пред Хрватска по армиска сила, пишува загрепски Вечерњи лист.

Весникот наведува дека Србија е рангирана на 61. место од 140 земји во 2022 година, а Хрватска е чекор поназад, на 62. место и додава дека со оглед на тоа што оваа листа се креира од година во година, може да се земе како релевантна.

Факт е дека Србија во последните неколку години интензивно се вооружува и годишно го зголемува воениот буџет за 40 отсто, наведува хрватскиот весник и посочува дека во 2017 година Хрватска била на 68, а Србија на 89 место.

Се додава дека големиот скок на Србија на оваа воена листа за само пет години, бидејќи се проби од 89. на 61. место, не е изненадување, со оглед на тоа што во меѓувреме, како што велат, Србија ја модернизирала целата ескадрила од 12 МИГ 29 набави околу 20 тенкови Т-72, ​​нов противвоздушен ракетен систем Панцир С-1, потоа борбени хеликоптери МИ-35, како и нов противтенковски ракетен систем, сите од Русија.

Вечерњи лист додава дека од Кина пристигнува копија од системот за противвоздушна одбрана со долг дострел ФК-3 (копија на рускиот С-300), а веќе се пристигнати кинески борбени беспилотни летала, како и дека слични доаѓаат од Турција.

Весникот исто така посочува дека Хрватска не се одлучила за единствената најголема воена набавка во својата историја, купувањето на 12 повеќенаменски воени авиони од Франција за една милијарда евра, од кои повеќе од една третина е веќе платена.

Од земјите на поранешна Југославија, по Србија и Хрватска, Словенија е следна по воена моќ, на 86 место, БиХ на 123, додека Црна Гора воопшто не е на оваа листа, иако има војска.

Убедливо најмоќна армија на Балканот има Грција која се наоѓа на 27 место во светот, Бугарија е на 67 место, а Албанија на 115 место.

Инаку, според податоците, Global Firepower, т.н. Косовските безбедносни сили се претпоследно рангирани и се поместени за една позиција погоре од минатата година, што значи дека минатата година беа најлошо оценети. Во текот на 2022 година, Косово е рангирано на 139-то место од 140 учесници кои се разгледуваат при годишната ревизија на оваа листа.

Само Бутан има послаба вооружена сила од Косово, а САД се први на листата. Следуваат Русија, Кина, Индија и Јапонија.

 

Поврзани новости