Амбасадорката на земјава во Софија, Агнеза Руси–Попоска била повикана денеска во бугарското Министерство за надворешни работи. Таа таму имала средба со генералната директорка за европски прашања, Славена Гергова.
Според информациите на бугарското МНР, на средбата директорката Гергова „изразила загриженост во врска со нападот“ врз Бекир Кадриески, копретседател на Здружението на Бугарите „Шемето“ во Струга.
Таа ја истакнала и потребата „надлежните власти во Северна Македонија да преземат брза акција за ефикасна истрага и спроведување на правдата“.
– На средбата беше посочено дека Бугарија очекува конкретни резултати во однос на другите инциденти со Бугарите и нивните здруженија во Северна Македонија – се додава во соопштението на бугарското МНР.
Инаку денеска, македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи од Струга порача да не се избрзува со квалификации во јавноста во врска со прашањето за мотивите околу случајот со Бекир Кадриески и да се дозволи институциите на системот да го расчистат целиот настан.
– Етничката омраза, ќе ја уништиме во зародиш исто како и нетолеранција, говорот на омраза. Но, да не брзаме со квалификации и да го исполитизираме ова, бидејќи така праќаме лоша порака, на секој инцидент утре да се повикува на етничка омраза и да се добие одредена заштита и тука мора да сме внимателни – рече Османи.
Нагласи дека Северна Македонија е држава – модел за меѓуетничка толеранција и истакна дека нема се дозволи кој било да го урива тој процес.