Апсурдот и блуткавоста на „Македонската салата во сос Вето“ стигна дотаму што денешниот хомосапиенс може да се нарече како му текне: воздух, тиква, крт, трет пол, марсовец, само не Македонец! Дали можеби следниот чекор може да биде ЕУ да ја забрани подготовката и консумирањето салата со името „Македонска“?
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Најновата откачалка на ДУИ со необалистички ултиматум за озаконување на коалицирање според принципот „победник со победник“, а во тој контекст и регионализација, претставува отворена закана за нарушување на државниот суверенитет и федерализација на Македонија.
За озаконување на т.н „Мајски договор“ од 2007 година, ДУИ го ангажира американскиот експерт за надворешна политика, Пол Вилијамс, наводно како еден од авторите на Рамковниот договор, иако тоа никогаш не бил. Башка, токму ДУИ го прекрши племенскиот неформален записнички дил со Никола Груевски, кога во 2017 одлучи да коалицира со второпласираниот СДСМ.
БАЛКАНШТИНА
Оттука, очајна и налудничава е апартхејдската логика само победникот кај партиите од албанскиот блок да има ексклузивно право да избира со кого ќе коалицира од македонските партии.
Се занесуваа дека мафијашката коалиција GUNS $ ROSES ќе трае бесконечно, па нивниот capo di tutti capi со псевдоним „Аца Антиќ“ му сугерираше на тогашниот инсталиран премиер „Таче“ без гајле да ја тера „како и досега“. Ама, завалијата го фати таксират, Христијан Мицкоски го отфикари и си зема друг коалициски партнер.
Дуиџиите џабе се повикуваат на охридскиот „Рамковен договор“, од проста причина што тој е дел од Уставот. Згора на тоа, не беа потписници, туку во тој период, под маската на „борци за човекови права“, паравоената УЧК беше терористичка формација.
Плус, од нивното формирање, лицемерно се претставуваат како интегративци, но под услов вечно да бидат во власта, ако не тогаш се дезинтегративци. Лицем светци, срцем волци!
Најсликовит опис за интегрирањето на граѓаните на САД е „Мелтинг пот“, како израз за котел во кој се мешаат и стопуваат различни народи, етникуми, раси, култури, обичаи и религии од сите делови на светот.
Овој американски концепт за разни идентитетски заедници што се претопуваат, не важи за Балканот, па оттука и пежоративниот израз „Балканштина“, како контрапункт на рационалност со комбинација на арамилак, инает и безаберност. Метафора за меѓусебна конфронтација, фрагментација, поделби и ситнење на помали единици по етничка и политичка основа.
Парадигма за ваков процес е субрегионот Западен Балкан со шесте недовршени држави, меѓу кои и Македонија, кои сѐ уште не се членки на ЕУ, но имаат ниет да бидат. Веројатно, малку утре, затоа што магичната формула за стекнување статус „Европеец“ се стекнува само со беспоговорно почитување на т.н. европски „вредности“, односно „европски интереси“!
СОС „ВЕТО“
Без квалификации се примаат држави кои сe oд стратешки интерес, а по нив оние кои располагаат со природни и други ресурси. За останатите се пропишуваат строги бенчмаркови за владеење на правото, малцински права, борба со корупцијата, добрососедски односи. Ексклузивен ноу-хау бенчмарк претставува „промена на име, идентитет и личен опис“ под егзотичен уникатен именител „Македонска салата во сос „Вето“.
За т.н. „Македонско прашање“ постојат многу метафори: „Јаболко на раздорот“, „Буре барут“, „Лонец што врие“, „Балканска жива рана“. Сите тие важеа од распарчувањето на нејзините три географски дела со „Букурешкиот договор“ во 1913 година до завршувањето на Втората светска војна. Бидејќи претставува многу сложен мозаик, „Македонска салата“, освен како национален десерт од мешани зеленчуци сечкани на ситни парчиња, метафорично асоцира на мешавина од, како што стои во Уставот, „делови од народи“ со мултиетнички состав на населението.
Додека беше во состав на југословенската федерација, Македонија беше раат, неинтересен и заборавен „темен вилает“. Европските духови воскреснаа и проблемот изби на површина по распадот на сојузната држава.
Со асиметричните Преспански и Договор со Бугарија, наметнати од Блудницата вавилонска и Вујко Сем, со подизведувачите Грција и Бугарија, домашните родоотстапници без трошка исаф го шитнаа македонизмот: државата ја прекрстија во Северна, народот во Северномакедонци, а јазикот западнобугарски дијалект.
Македонската недовршена приказна е во баксузлукот, немањето ксмет и немушноста да игра со „бели фигури“. Таму каде што можело не смеело, таму каде што смеело не се сакало, таму каде се сакало не се дозволувало.
Апсурдот и блуткавоста на „Македонската салата во сос Вето“ стигна дотаму што денешниот хомосапиенс може да се нарече како му текне: воздух, тиква, крт, трет пол, марсовец, само не Македонец!
Дали можеби следниот чекор може да биде ЕУ да ја забрани подготовката и консумирањето салата со името „Македонска“ во земјите-членки, но и кандидатките за членство?