АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје се извинува за, како што наведува, ненамерната грешка и техничките пропусти при објавување на пригодната поштенската марка од серијата „Северна Македонија во ЕУ“ чија цел е одбележување на претседавањето на Република Хрватска со ЕУ.
На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот (карта на „Голема Хрватска“) и поради тоа марката веднаш е повлечена од употреба што подразбира поништување на целокупно издадениот тираж од 6000 (шест илјади) примероци.
– Изразуваме жалење за ненамерната грешка, особено што, издавањето на серијата поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ се поклопува со 9 Мај, Денот на Европа. Наша цел беше со оваа поштенска марка да изразиме благодарност до хрватското претседателсво со ЕУ за помошта и поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата држава, се вели во соопштението од АД „Пошта на Северна Македонија“.
Посочуваат дека издавањето на поштенските марки е регулирано со Законот за поштенските услуги и Правилникот за издавање и продажба на поштенски марки и вредносници, а во согласност со Годишната програма за издавање на поштенски марки, одобрена од страна на Министерството за транспорт и врски.
– Согласно одобрените теми, мотиви, тиражи и останати обележја на поштенските марки, во процесот на издавање на истите се вклучени: Биро за филателија на друштвото и Совет за издавање на поштенски марки Бирото за филателија има надлежност да собира и стручно обработува податоци; предлага мотиви и подготвува графички и ликовни решенија на поштенските марки, ги подготвува за печатење во согласност со насоките добиени од Советот и др… Советот за поштенски марки именуван од Управниот одбор на Друштвото е составен од 7 членови, четворица претставници од редот на вработените во Друштвото и три надворешни членови. Надворешните членови се од редот на лица ангажирани во културни, јавни и научни области (историчари од национални институти (2) и еден е уметник од ФЛУ. Конечна одлука за изборот на мотивите како и графичките и ликовни решенија на поштенските марки ја носи Советот за поштенски марки, објаснуваат од АД „Пошта на Северна Македонија“.
Поради направената грешка, Управниот одбор на Друштвото донел одлука за повлекување од употреба и уништивање на поштенската марка „Северна Македонија во ЕУ“, мотив „ Хрватска (Загреб)“ со тираж од 6000 примероци и номинална вредност од 72,00 денари. Донесени се и одлуки за разрешување на раководителот на Бирото за филателија и за разрешување на Советот за поштенски марки.