Македонска филхармонија во соопштение до јавноста демантира дека настапиле на свадбата на познат бизнисмен.
„Во врска со изнесените дезинформации во јавноста дека Македонската филхармонија наводно настапила на свадбата на познат скопски бизнисмен во хотелот ‘Мериот’ во Скопје, националната културна установа ги демантира тенденциозните и сензационалистички наводи објавени во дел од медиумите“, стои во соопштението до јавноста.
Во соопштението од Македонска филхармонија стои дека под секое ниво на Филхармонија, како една од најценетите и најреномирани институции во државата, е да свири на приватни веселби и свадби, кои немаат никаква допирна точка со пропагирање на музичкото творештво и културните вредности.
„Симфонискиот оркестар на македонска филхармонија настапува само во рамките на својата претходно дефинирана програма и редовниот репертоар, но тоа не ги спречува членовите на оркестарот приватно да бидат ангажирани и самостојно да музицираат надвор од институцијата. Ваквите измислени написи имаат само за цел да ја дискредитираат работата на Филхармонија и да го нарушат нејзиното реноме“, стои во соопштението од Македонска филхармонија
За Македонска филхармонија симптоматично е тоа што ова се случува во комплексен период за институцијата, кога вработените секојдневно протестираат против одлуката на Владата институционално да се смести друга национална установа во зградата на Филхармонија.