Македонска државно-црковна делегација за прв пат дел од преземањето на Благодатниот оган во Ерусалим

by fokus

Денеска напладне во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, државата Израел започнува церемонијата „преземање на Благодатниот оган во Ерусалим”, на која за прв пат свое учество има македонско-црковна делегација предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Државната комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Митрополит тетовски-гостиварски, Јосиф Тодоровски.

На овој голем чин кој се одржува секоја година на Велика Сабота има претставници од повеќе држави кои со владини и црковни почести, го пренесуваат светиот оган во своите земји.

Во пресрет на овој историскиот настан за македонската држава, нејзините граѓани и за МПЦ-ОА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Ерусалим рече дека му причинува чест и задоволство што ја предводи делегацијата на македонската Влада и на Македонската православна црква – ОА којашто за прв пат ја има честа да го преземе Благодатниот оган директно од Ерусалим.

-Ова е историски чин кој се случува веднаш по воведувањето во канонско единство и признавање на нашата света црква, ова е прва година во којашто директно од Храмот со благослов на Патријархот Ерусалимски, ќе можеме да го преземеме огнот и да го однесеме во Македонија. Секако дека е ова значајно за верата, значајно е за државата, за нашите граѓани, значајно е за нашата црква која веќе се вбројува во големото православно семејство, изјави Спасовски.

Тој истакна дека македонската делегација синоќа присуствуваше на вечерната служба и рече: „нашата црковна делегација беше дел од сите црковни великодостојници овде во Ерусалим, се поклонивме на гробот на нашиот Бог Исус Христос и мислам дека е укажана голема чест и на државата и на македонскиот народ, на граѓаните кои живеат во нашата земја и секако на МПЦ-ОА“.

Како член на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што оваа година за прв пат нашата држава ја има честа директно да присуствува на церемонијата на „преземање на Благодатниот оган“ директно од Ерусалим.

Поврзани новости