Стотици Македонки за време на викендот заминаа во Истанбул, Турција, да го прослават Меѓународниот ден на жената. Голем број од нив, организирано, преку туристички агенции, наместо планираното патување во Италија, поради коронавирусот, своите Осмомартовски екскурзии ги пренасочија кон Турција, со цел да не им пропаднат аранжманите.
Веста дека годинава Истанбул е една од најчестите дестинации каде ќе се слави Осми Март ни ја потврдија од повеќе туристички агенции уште минатата недела. Дамите желни за патување, наместо во Венеција, Милано и други туристички дестинации во Италија, без многу двоумење се решиле за Истанбул, како замена на првично планираната дестинација, поради ризикот од пренесување на коронавирусот.
-Истанбул нуди многу интересни моменти, посети на културни знаменитости, има голем број на отворени пазари атрактивни за туристите, а пак ноќите се резервирани за забави во многубројните кафеани – информираа од агенциите.
И додека стотици Македонки ја одбележуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, во кафеаните во Истанбул, тамошните жени традиционално излегоа на марш за поголеми права и рамноправност.
Светската јавност се сеќава кога минатата година, на Осми Март во Истанбул полицијата со солзавец го разби маршот на жените. И годинава состојбата не беше подобра. Жените кои се собрале со транспаренти по повод Меѓународниот ден на жената, биле блокирани од полицијата.
Околу нив биле поставени полициски кордони со кои им се блокирало движењето и биле спречени да тргнат кон центарот на Истанбул. Била затворена и метро станицата Таксим.
-Патиштата што водат кон плоштадот Таксим ќе бидат затворени, бидејќи овие места не се класифицирани како определени за собирање и демонстрации според законот – за медиумите информираше гувернерот Али Ерликаја.
И додека за поголемиот дел од жените ширум светот Осми март се одбележува со разни трибини, манифестации и маршови со порака дека борбата за родова рамноправност продолжува, кај нас традиционално повеќето жени овој ден го прославуваат во кафеана со жива музика или пак заминуваат на екскурзија со пријателки. Нееднаквата положба во општеството, немањето на доволно матични гинеколози, и фактот што според ОБСЕ во земјава секоја шеста жена е жртва на семејно насилство, а само два отсто од жените истото го пријавиле во полиција е поразувачки.
Сепак, според начинот на кој кај нас се одбележува празникот, се наметнува мислењето дека Македонките без проблем можат да затворат очи пред суровата реалност и помеѓу марш и борба за своите права, повеќето попрво би избрале прослава во кафеана, за што за време на викендот сведочеа и преполните кафеани и ресторани ширум земјава, како и автобусите преполни со расположени екскурзијантки.
Вики Клинчарова