Кога вчера ги прочитав насловите дека ФЗО ќе го покрие лекувањето на младиот Леонид Индов, кој е во слична здравствена состојба како мојот син Јани, добив надеж и за нас. Но, кога ја прочитав целата вест, дека всушност Фондот ќе го покрие лекувањето на Леонид во Градската општа болница Осми Септември, а не во странство, во специјализиран центар за вакви состојби, уште еднаш посведочив на изреката дека државата за едни е мајка, за други маќеа, за „Фокус“ раскажува Васил Иванов од Неготино, чиј син Јани во јули 2022 година по повреда која се случи во Грција, заврши со дијагноза параплегија.
По два месеца поминати на клиника во Грција, каде беше опериран, Јани се врати во Македонија и беше сместен на КАРИЛ. Но, откако состојбата му се влоши, семејството со помош на донации повторно го транспортираше во Грција, во Лариса, во специјализиран центар, каде се наоѓа и денес. Таму е благодарение на донациите, но семејството повеќе не може да го носи финансискиот терет, па момчето ќе се врати во земјава во септември.
-Од сопствено искуство, бидејќи мојот 20-годишен син веќе две години се лекува и рехабилитира во центар во Лариса, Грција, знам дека кај нас, во земјава, нема ниту соодветни услови за овие пациенти, нема било какви современи методи за рехабилитација, ниту пак соодветен кадар.
Не знам како може од Фондот да бидат уверени дека во Македонија можат да лекуваат и рехабилитираат вакви пациенти, кога нашето, а и искуствата на други родители, го докажуваат спротивното. И ние би сакале нашите деца да ни се овде, а не да бараме лекување и рехабилитација во странство, но за жал, кога Јани замина од Македонија во Лариса, тој замина во доста лоша состојба, со огромни декубитуси, и тоа беше нашиот единствен излез за негов спас и можност за напредок, вели Иванов.
Додава дека за време на техничката влада, тогашниот министер за здравство Илир Демири изјавил дека министерството и Владата ќе застанат зад проблемот на Јани, а пред неколку дена тој имал средба со сегашниот министер Арбен Таравари, со цел да се најде решение за нивната тешка ситуација.
-Министерот Таравари ме упати на разговор со шефот на кабинетот, Бесник, каде ми беше кажано дека очигледно сме добиле лажна надеж од страна на техничкиот министер. Државата има пари, но намерно е вака направен законот, да се чека нечиј потпис!
Еве, со враќањето на Леонид во Скопје, во Осми Септември, гледаме дека тоа е реалноста, дека државата нема да покрие лекување во странство на овие пациенти. Значи, болницата Осми Септември, тоа не е клиника за такви пациенти, немаат потребни справи, немаат ниту потребен кадар.
Нереално е овие ситуации да се прикажуваат како позитивни, оти вистината е сосема поинаква, разочарано вели Иванов.
Во врска со случајот на младиот Леонид пак, вчера од ФЗО информираа дека неговото лекување во Градската општа болница Осми Септември“ ќе го покрие Фондот за здравствено осигурување.
Како што соопштија од ФЗО, минатата недела Владата побарала да се смени претходната одлука на Фондот со која беше одбиено барањето за покривање на трошоците за лекување на Леонид, со тврдење дека има услови за лекување во земјата, без да се наведе каде е тоа.
-ФЗО врз основа на препораките од Австрија и ГОБ Осми Септември, ќе се одобри употреба на лекови неопходни за ваков тип третман. ФЗО е сервис на граѓаните, на сите оние што имаат потреба од здравствени услуги. Работиме на воспоставување јасни правила за да се намали можноста од неправилности и злоупотреби. За тоа ги анализираме констатираните проблеми во извештаите на Државниот завод за ревизија, како и поплаките на граѓаните, соопштија од таму.
Инаку, Леонид беше на лекување и рехабилитација во Виена, во траума центар, благодарение на донации од хуманите граѓани. Фондот за здравство го одби лекувањето на Леонид во странство, под образложение дека станува збор за рехабилитација, а како што тогаш изјави неговиот татко, Бранко Индов, му било образложено дека во Македонија има установи кои можеле да го третираат, но не добил одговор кои се тие установи.
За истиот проблем веќе подолг период алармира и Васил, таткото на Јани, и повторно отворено ги прашува институциите, каде во земјава има современ центар за третман на неговото дете.
Вики Клинчарова