Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на маргините на Генералната дебата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, потпиша протокол за воспоставување дипломатски односи со министерот за надворешни работи на Тунис Кемаис Зинаи и со нивниот ерменски колега Зохраб Мнацаканјан.
„Дипломатските односи со Република Тунис ќе доведат до воспоставување на политички дијалог и создавање на можности за интензивирање на економската и културната размена, како и на соработката на мултилатерален план. Воспоставувањето на дипломатските односи со Ерменија ќе придонесe кон продлабочување на севкупната соработка меѓу двете земји. Со формализирањето, се овозможуваат нови перспективи за развој на политичкиот дијалог, интензивирање на културната и економската соработка, како и почеста мултилатерална комуникација“, соопштија од македонското МНР.
Во соопштението уште се наведува дека биле поставени и основи за поинтензивна соработка со Грузија, откако Димитров и неговиот грузиски колега Давид Залкалиани потпишале Протокол за соработка меѓу двете министерства и воедно разговарале за унапредување на односите преку политички консултации, визна либерализација, бизнис-посети.