Да го парафразирам Армстронг кога стапна за прв пат на Месечината, тоа беше мал чекор за светот, но огромен за нашата држава. За прв пат во нејзината историја имаше само еден глас кој доаѓаше од Македонија и тој глас ја изразуваше желбата на сите граѓани за своја суверена држава.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Сликата кога двајцата претставници на македонската држава, претседателот Киро Глигоров и министерот за надворешни работи Стево Црвенковски, ги зазедоа своите места во генералното собрание на ОН, го обиколи светот.
И, да го парафразирам Армстронг кога стапна за прв пат на Месечината, тоа беше мал чекор за светот, но огромен за нашата држава. За прв пат во нејзината историја имаше само еден глас кој доаѓаше од Македонија и тој глас ја изразуваше желбата на сите граѓани за своја суверена држава.
Не било секогаш така. Карнегиевата комисија која што ја посети некогашната отоманска провинција по Балканските војни, во кои едни народи истребуваа други народи, токму како во Руанда во понови времиња, заклучи дека најдобро ќе беше, како и другите балкански држави, Македонија да беше прогласена за држава.
Но, немаше еден глас кој би застанал зад таа идеја туку само пискотници на хистерични национализми, поттикнувани од соседите, кои ги туркаа народите на Македонија во крвави пресметки. Ова остави траен белег врз психата на македонскиот народ , во чија колективна меморија е втисната трагедијата од балканските војни и стравот од намерите на соседите.
Седумдесет и девет години подоцна, една поинаква Македонија прозборе со еден глас за желбата да биде своја на свое. На 8 април 1993 станавме меѓународно призната држава, членка на ОН.
Неуки во демократијата и во светска политика, набргу видовме дека не е доволно само сите да сакаат независност туку и да знаат како да се соочат со тешките дилеми на демократското управување дома и уште потешките во опасната сфера на меѓународната политика.
Заради таа неукост, се падна во сенка на формулата со која влеговме во ОН, па тој голем триумф беше прогласен за само уште еден пораз на Македонија. Заслепени од љубов кон татковината, но и желбата да се симне опонентот од власт, не гледавме дека големата цел е остварена: Македонија беше зацртана во картата на светот како 181 членка на ОН.
Со таа легитимација ни се отворија вратите кон сите други светски организации и влеговме во меѓудржавни односи со другите земји во светот. Политиката на мирољубиво самоопределување на претседателот Глигоров успеа. Успеа и ризикот кој тој го зеде врз себа, без согласност на опозицијата да ја прифати формулата на големите сили кои вложија напор да не внесат во меѓународното општсетво на држави.
Деновиве слушаме и читаме по некое штуро сведоштво за минатите времиња: некои за себе-промоција, некои контра денешните политички непријатели. Да не береме гајле. Кога ќе заминат генерациите кои учествувале во овој подвиг, мирно, трезвено и без лични суети, се ќе помине низ ситото на историјата и само највредното ќе остане.