Идентификувани се обидите на Скопје, Република Северна Македонија (РСМ) да влијае врз бугарските малцинства во соседните земји да се произнесат како „Македонци“. Ова се наведува во годишниот извештај на бугарската Воена разузнавачка служба, пренесуваат бугарските медиуми.
Понатаму во извештајот било нотирано дека во Македонија не се спроведуваат суштинските уставни измени, а Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија делумно се применува селективно.
„Неконструктивната политика на властите на РСМ кон Софија се повеќе е поддржана од некои надворешни фактори, велат од военото разузнавање на Бугарија.
Се додава дека „продолжуваат обидите на РСМ да искористи одредени меѓународни организации за да го наруши имиџот на Република Бугарија“.
„Трендот ќе продолжи и ќе бара внимателност од бугарските власти. Дополнително, во 2022 година, традиционално, не е постигнат напредок во изградбата на клучниот Коридор 8 за НАТО во неговиот дел преку територијата на РСМ“, стои во извештајот.