Македонија вечна!

by Фокус

Што би се рекло, Радев не е ни свесен колку гадно се лизна со барањето за ставањето на Бугарите во нашиот Устав, кои, место да бидат  „с’шт народ“, ќе се наредат во Уставот, и тоа на крајот во набројувањето, само како бугарско малцинство. Да бевме паметни, тоа самите ќе го направевме порано. Ви текнува?! Но, изгледа некој овде во Македонија тоа го доживува како „тешка беше нашата разделба“!

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Е! „И една Албанија нѐ претрка!“ Утре и „едно Косово ќе нѐ претрка!“ Па, на времето беше „и една Бугарија, таква, никаква, нѐ претрка!“ Една, па уште една, па уште една… а Македонија си остана − ниедна! Па што? Македончето е досетливо, ќе си се снајде и во таква држава.

Природно е тоа за слаби, немоќни, необмислени граѓани што го чинат  мнозинството  живеејќи само со едно „вјерују“ − во ВМРО-ДПМНЕ!

И нека си веруваат, нека си молчат, тивко нека си стенкаат зашто и толчењето, кога доаѓа од „патриотите“, им доаѓа како галење, нежно милување. И, се разбира, при таква слепа љубов сѐ се простува.

И војната во 2001, која почна кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, и Рамковниот  договор што потоа како последица од неразумното владеење беше потпишан од тогашниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, и од тогашниот претседател на таа партија, Љубчо Георгиевски.

Во таква ситуација, видоа не видоа, и социјалдемократите се приклучија да помогнат за да се избегне тотален крах. Потпис на Рамковниот тогаш стави и социјалдемократот  Бранко Црвенковски, кој влезе во владата за да се спаси, не вмровската влада, туку за да се спаси државата − Република Македонија.

Е, така изгледа неопходното национално единство во критичен момент, кога за доброто на народот се излегува од теснопартиските рамки. Такво нешто за ВМРО-ДПМНЕ е непоимливо, го нема во својот карактер.

ЗНАМЕТО И ИМЕТО

Оттука бесмислена е обземеноста на многумина, навидум умни, учени луѓе, кои со години со сиот памет сериозно си го поставуваат најглупавото прашање: зошто меѓу нас Македонците не може да се изгради едно цврсто национално единство?

Зошто? Затоа што повеќето Македонци (не се само вмровци) сакаат да живеат во илузија, во свет нереален, да произведуваат тези кои кај малкуте луѓе со изострен вид не поминуваат.

Тие гледаат едни плитки тенки политики, поставени  на стаклени нозе. И меѓународната заедница таквите политики ги доживува баш стаклесто, провидно!

Претпоставувам дека нашава претседателка им изгледа бајаги смешна кога со прстите пред носот на своите соговорници од Европа еден по еден им ги реди „аргументите“ за силните жртви што сме ги направиле како држава во изминативе 30 години.

Прво − знамето сме морале да го смениме! За тоа душа нѐ болела! Аман бре, имавме едно знаме од 1945 до 1992 година, знаме на слободата и на формирањето на првата македонската држава, па го сменивме − не со тешко срце, ами со плукање.

Знамето на Тодор Петров, шеснаесеткракото сонце од Кутлеш, местото каде што мнозинството од овдешниве Македонци со нога не стапнале, (претпоставувам дека и нашата претседателка), го сменивме „под принуда“ зашто беше инаетливо, провокативно знаме со симбол што се наоѓа на територијата на друга држава.

Џабе на странциве тоа им го претставуваме како жртва, кога тие подобро од нас знаат дека ниту една друга држава, уште нетргната по меѓународните патишта, не прави такви будалски чекори за да го дразни моќниот сосед и од него да си прави моќен непријател.

Е сега, за името!

Името не е продадено, не е сменето. Се смени само придавката како што по потреба и пред тоа се менувала. Си остана името Македонија, и тоа по тешки преговори. Тоа го знае и таа Европа, која затоа не им верува на солзите на СиљановскаДавкова, Мицковски

УСТАВОТ И БУГАРИТЕ

Но ВМРО-ДПМНЕ не знае да функционира ако нема напумпано безизлезна национална тема за плачење. Не може да опстане ако не ја игра таа улога на „заштитник“ на македонскиот јазик и идентитет, кои веќе целосно се бетонирани во документите на Европската Унија.

Постојат пар усвитени глави во Бугарија кои до смрт ќе бамкаат дека не постоиме како народ. Толку! Кучињата лаат, карванот си врви.  Изгледа дека само ВМРО-ДПМНЕ ги есапи ваквите реакции од бугарска страна како некој релевантен фактор.

Промена на Уставот. Не е битно по чиј диктат. Битна е големата победа за нас како Македонци − признанието од страна на Бугарија дека овде живее главно македонски народ и само дел од бугарскиот народ исто како што живеат и делови на другите народи што се веќе во Уставот.

Што би се рекло, Радев не е ни свесен колку гадно се лизна со барањето за ставањето на Бугарите во нашиот устав кои, место да бидат  „с’шт народ“, ќе се наредат во Уставот, и тоа на крајот во набројувањето, само како бугарско малцинство. Да бевме паметни тоа самите ќе го направевме порано. Ви текнува?!

Но, изгледа некој овде во Македонија тоа го доживува како „тешка беше нашата разделба“! Несигурен е во својот национален идентитет, па се плаши дека еден грст бугарско малцинство ќе ни ја загрози македонштината.

Нека си се преиспитаат противниците на уставните промени и нека видат што ги буни, и тоа толку многу за да го затрупаат веќе трасираниот пат кон Европската Унија.

Не знам што му сече паметот на Мицковски. Добро, за почеток ќе го одржува внимание на јавноста со приказните за криминалите на бившата власт. Такви здодевни приказни имаше и за власта пред тоа: морски плодови, танги, скапи хотели, патни трошоци,тендери и провизии.

Толку! Што потоа? Мора, бре, нешто да се одработи и за државата, нешто што ќе остане за иднината! Ќе се бега ли пак на полпат? Добро, Унгарија е блиску, а и другите што ќе останат ќе мора да бегаат како опалени низ светов, дали со бугарски дали со албански пасоши, сеедно.

Ќе им ја оставиме „Македонија вечна“ на младите мигранти, Сиријци, Палестинци… да има кој да работи и да ги гледа постарите, зашто младите веќе сите се тргнати, барем со умот, по патот што води само во еден правец.

Поврзани новости