Македонија спласната

by lali 09:38
09:38

Голем број граѓани, гледајќи го мастилото на прстот, деновиве размислуваат, впрочем, како и секогаш по избори, дали, колку и како ќе ја биде Македонија. Дел од нив веројатно сè уште се загрижени како да го избришат мастилото зашто на некои прсти тоа оставило траги уште и од првиот круг на претседателските избори.

Така како што постојат урбани прикаски, сега се пројавува еден урбан сомнеж дека со мастилото уште повеќе биле обележани гласачите на опозицијата. Но, како што тој сомнеж е неоснован, така и гласот даден против власта на ДПМНЕ и на ДУИ кај многу луѓе дури претставува и основа за гордост, зашто, сепак, претпочитале да видат промени.

Не заборавајќи го и фактот дека овие гласови за СДСМ, НДП и за  другите се живи и чисти гласови, кои се гласови дадени индивидуално, без пари, без лажирања и погодени наспроти сиот медиумски мрак. Гласовите во ваква медиумска темнина личат на погодување со фрлено ливче во корпа во темница. Тоа е показател за одлично ориентирање и причина за гордост.

- Advertising -

По ова, при секаква анализа може да се заклучи дека тие што гласале за опозицијата се одлична социјална маса за градење правна држава. Штета што губат на избори, па нема кој да ја направи. А, дека нема владеење на правото, најголем показател е сè уште неразјаснетото име на министерката за внатрешни работи на „каса-прими“ потврдите и гласот на премиерот на аудиоснимките.

БЕШЕ ПАРЛАМЕНТ, СТАНА ПАРТАЛМЕНТ

Така, по изборите  на опозицијата ѝ останува да изгради позиција кон позицијата, а на власта нормалност на позицијата. По сè изгледа и двете ќе имаат проблем во тие две работи, и тоа не поради некоја друга невозможност, туку поради едно чувство – спласнатост.

По предвремените парламентарни избори, прогласени од ДУИ, а во кои најголем проблем се појави меѓу СДСМ и ДПМНЕ, нормално беше да се очекува да спласне политичката клима: нецелосно конституиран парламент или, со други зборови, парталмент. Но, чувството на спласнување може да се прошири и да потрае, што би рекле од американската амбасада: граѓаните да изгубат доверба во демократскиот процес.

Проблемот со идното партал-собрание лесно ќе се издигне во политичка криза, а ни чувството на спласнатост ќе нема кој политички да го искористи за разрешување на некоја голема мака на државата.

Иницијативата за ослободување на владиката Јован Вранишковски секако е за поздравување во таа насока зашто не ѝ служи на честа и угледот на земјата да има затвореник заради совест, но треба допрва да се види дали тоа ќе донесе целосно решение на барем едната од големите маки на земјата. Истото важи и за заедничкото чествување со Бугарија и за можното придвижување на спорот за името со Грција.

КРИЗА Е ВИЗА АКО ИМА ЕКСПЕРТИЗА

Проблемот е што и кризата и спласнувањето кај нас се користат за спротивна употреба. Исто како што изградбата на ефикасна држава досега се користеше само за ефикасност на клановската, фамилијарната и партиската контрола, а не за владеење на правото.

А, може  да е и за добро. На времето имаше една досетка дека кога би ја испеглале ридестата Босна, таа би била најголемата држава во Европа, а тогаш уште не знаевме колку е голем Казахстан. Така и Македонија, кога би спласнала, и би станала една нормална, отворена и раат-држава, со себе и со соседите, веројатно би била најголемата држава, ако не поголема од Европа и поголема од Казахстан, би била барем шампионот на целиот Балкан.

Така, и покрај сето чувство на спласнување, кризата и замките допрва следат на патот. СДСМ и ДУИ полесно ќе се избават од нив, што нема воопшто да биде лесно за ДПМНЕ и ДПА. Првите, затоа што фатиле сигурни позиции при кои не им пречи ни нормализација ни криза, а вторите не, зашто ДПМНЕ е кормиларот, а ДПА поради Струга. Ова е првпат кога некој ќе треба да се оттргне од ДПА, но со политички мираз од победа во една голема општина каква што е Струга.

Има една опција, што ја заговараат МАНИФЕСТ-чудаците и некои други, за полесно справување на патот кон замките на ДПМНЕ и ДПА, а тоа е нивното заедничко формирање на влада. Притоа заборавајќи дека, сепак, овие избори беа прогласени од ДУИ.

Поврзани новости