Македонија со петтата победа по ред ја заврши Лигата на нации

by Фокус

Македонската фудбалска репрезентација со победа од 1-0 против Фарски Острови ја заокружи сезоната во Лигата на нации на УЕФА.

За нашиот национален тим ова беше петта победа по ред без примен гол, со што уште повеќе ги зголеми шансите да биде меѓу тимовите што ќе добијат шанса во баражот за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Македонија играше тешко против дефанзивниот противник, кој е единствениот тим што освои бод против нас и воедно единствениот што ја затресе нашата мрежа од пенал, кога во септември одигравме 1-1 во Торшван.

И денеска на арената „Тодор Проески“ во Скопје, нашите фудбалери притискаа, но Фарски острови добро се бранеа.

Клучниот момент на натпреварот дојде во 62.минута, кога гостинските дефанзивци ја направија единствената грешка, а нашиот голгетер Бојан Миовски беше тука да ја пласира топката во противничката мрежа. До крајот на натпреварот игравме тактички да го задржиме водството за нова победа.

Македонија завршува на 1 место во групата 4 со 16 бодови од можни 18 и гол-разлика 10-1, а тоа може да ни донесе и место во баражот за Мундијалот за две години. Ерменија е втора во групата со 7 бодови откако денеска славеше на гости кај Летонија со 1-2, а потоа следуваат Фарски Острови со шест бодови и Летонците имаат четири.

Во следното издание на Лигата на нации, нашиот тим ќе се натпреварува ранг погоре во Б-дивизијата. Сега Македонија ја чека и ждрепката за квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

Поврзани новости