Во 2021 година Индексот за човековиот развој глобално почнува да опаѓа. Македонија е на петто место во светот по стапката на смртноста од Ковид-19, а шокот од пандемијата најмногу ги оптоварува жените. Земјава исто така ги има најлошите резултати во регионот во поглед на ПИСА тестовите, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа.
Како што се забележува во Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), иако Македонија имала мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење во државата и можноста за демократско назадување.
Извештајот, што беше презентиран денеска во кабинетот на претседателот, е насловен „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“, а е изработен од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).
Според претседателот на Институтот, Марко Трошановски, ако се гледа од перспектива на Југоисточна Европа, Македонија навидум каска зад земјите од регионот, иако статистичките разлики не се многу големи.
Поконкретно, како што рече, и лонгитудиналните и вредностите на ИНЧР 2021/22 укажуваат на тоа дека Македонија се наоѓа зад сите други земји од поранешната Југославија, а и Бугарија, Грција и Албанија.
-Пет земји од кохортата на Југоисточна Европа се наоѓаат во групата земји со многу високо ИНЧР – Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора и Србија, а четири се во групата земји со високо ИНЧР – Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Македонија. Позитивно е што зголемувањето на процентот на порастот на ИНЧРТ во двете децении (2000-2010 и 2010-2021) е меѓу најголемите во регионот, рече Трошановски.