Македонија денеска одбележува 27 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На референдумот во 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат одговорија „ЗА“на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот и конечно по повеќедецениски преговори, годинава на 17 јуни беше потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името. .
Годинава, празникот се слави во нови услови со јунскиот Договор од Преспа за конечно надминување на повеќедеценискиот спор за името со Република Грција и во пресрет на новиот референдум за прифаќање на овој договор и членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Новиот референдум закажан на 30 септември.
По повод Денот на независноста денеска собраниска делегација на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на Република Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски и на споменикот „Ослободители на Скопје“.
Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена државната награда „8 Септември“ која се доделува во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот. Наградата за животно дело ќе му биде доделена на Таки Џиков, а признанија за остварувања во областа на спортот ќе им бидат врачени на Стефан Гешовски, Сашко Арсовски, Владимир Радиќ и Ристо Таков. Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.