Македонија се повеќе се оддалечува од членство во Европската унија, рече денеска бугарската потпретседателка Илијана Јотова.
Таа вели дека неодамнешните случувања во Европскиот парламент се скандалозни и оти претседателот на Европскиот парламент би требало да обрне многу внимание на писмото од 17-те бугарски европратеници во кое тие го обвинуваат известувачот за напредокот на земјава, Томас Вајц оти бил цел на влијание од македонска страна за тој да го занемари „насилството врз Бугарите во земјата“.
-Потребно е да се направи истрага и доколку се докажат тврдењата, се разбира дека треба да има последици, но се плашам дека довербата е нарушена кај известувачите и оти известувачот треба да биде сменет – вели Јотова.
Таа посочи дека земјава се оддалечува од унијата со пораките кои се испраќаат, со континуираното неказнување на говорот на омраза, но и со крадењето на бугарската историја и факти од историјата.
Инаку, на предлог на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент на 4-ти јуни го одложи гласањето за усвојување на предлог-извештајот за земјава за 24 јуни.
Вајц нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за чии преговори и компромиси, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во ЕП.