За само една година, Македонија бележи пад од 24 места и според Индексот на перцепција на корупција(ИПК) е најниско рангирана досега.
Според Транспаренси интернешнл, Македонија на мерењето за 2016 година е на 90 место од 176 земји во светот, додека на индексот за 2015 година била на 66 позиција. Тоа е и најголемиот пад што земјава го забележила почнувајќи од 2012 година, кога е воведена сегашната методологија на рангирање за ИПК.
Според првата жена на Транспаренси Интернешнл во Македонија, Слаѓана Тасева, проблемот со корупцијата ескалира,а власта затвора очи пред овој проблем.
– Владата на Република Македонија, која повеќе години водеше политика заснована на клиентелизам и интереси, не само што ги занемаруваше сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата, туку со воспоставување на системот на заробена држава го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба со корупцијата, констатира Тасева.
Таа апелира дека овој систем мора да се промени што поскоро со систем во кој ќе владее правото, додека институциите ќе бидат ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување со корупцијата како проблем од висок приоритет.