Северна Македонија ризикува многу ако не ги усвои уставните измени во наредниот период, коишто се услов за напредок кон ЕУ. Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на земјата од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен – ваква порака донесе денеска во Скопје, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Tој на средби со политичкиот врв во земјата разговараше за актуелните состојби во контекст на интеграцијата во ЕУ и потребата од успешно завршување на процесот на уставни измени, кој треба да се заокружи во парламентот во наредниот период.
Од власта добил благодарност за континуираната поддршка од Германија за евроинтегративниот процес, додека од опозицијата му биле упатени истите пораки дека Владата нема легитимитет за уставни измени и дека прифаќање на бугарски диктат нема да се случи.
Сарацин на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери, потенцирал дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти.
Од тие причини, според него, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување.