Во Крушево почна чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република.
Празнувањето на Илинден годинава е под слоганот „Борбата трае“ со што, како што велат од Владата, сакаат да ја пренесат пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци.
Во чест на Денот на Републиката, делегации на Владата, Собранието и на претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
Премиерот Христијан Мицкоски, одбележувањето на Илинден ќе го почне со положување на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот „Слива“, како и на Мечкин Камен каде во 13:30 часот ќе го има своето обраќање.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пак, прво ќе биде во Пелинце каде што во 10 часот ќе положи свежо цвеќе пред меморијалниот центар АСНОМ по што ќе има обраќање, а ќе ја посети и спомен-собата во Меморијалниот центар.
Во рамки на чествувањето на Пелинце ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.
Од таму Сиљановска-Давкова ќе замине за манастирот „Свети Прохор Пчински“ каде ќе биде пречекана од нејзиниот српски колега Александар Вучиќ.
Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.
Потоа Гаши ќе има обраќање на манифестацијата што по овој повод ќе се одржи пред зградата на Собранието.