Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на „Транспаренси интернешнл“ заедно со БиХ, Монголија и Панама, што е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата. Во однос на рангирањето од 2019 година, земјава бележи пад од пет места.
-Во 2014 година сме биле рангирани на 64-тата позиција со 45 поени, а оттогаш наваму се бележи постојан пад. Најголемиот пад го имавме во 2017 година кога од 90-то се симнавме на 107-мо место. Лани бевме на 106-то, а сега сме на 111-то место. Бројот на индексни поени не е променет што покажува дека не се постигнуваат резултати во областите кои се содржина на истражувањата кои се користени за анализа на податоците за Република Северна Македонија, но имаме намалување во клучните области – владеење на правото и човековите слободи и права – рече претседателката на „Транспаренси интернешнл Македонија Слаѓана Тасева.
После ваквото рангирање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара цела Влада да си замине.
„Тие не се само мафија, на овие луѓе и мафијата може да им позавиди. Подобри од нас се: Косово, Албанија, Танзанија, Буркина Фасо, Колумбија, Брегот на Слонова Коска, Гамбија, а заедно сме со Панама и Монголија. Пад од цели 45 места за 5 години. После ваков резултат, не е доволна оставка на министерот за правда, или министерот статист за борба против корупција, потребно е целата Влада да си замине, веднаш“, напиша Мицкоски на фејсбук.