Maкедонија отсега ќе има 20 наместо 16 министерства. Предлагач на ваквите измени беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а предлогот доцна синоќа беше прифатен од 88 пратеника во Законодавниот дом.
Со усвоените законски измени, кои поминаа со помош на Европскиот фронт, вака изгледа листата на министерства:
1. Министерство за одбрана;
2. Министерство за внатрешни работи;
3. Министерство за правда;
4. Министерство за односи меѓу заедниците;
5. Министерство за надворешни работи и надворешна трговија;
6. Министерство за европски прашања;
7. Министерство за финансии;
8. Министерство за економија и труд;
9. Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини;
10. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство;
11. Министерство за здравство;
12. Министерство за образование и наука;
13. Министерство за социјална политика, демографија и млади;
14. Министерство за локална самоуправа;
15. Министерство за култура и туризам;
16. Министерство за дигитална трансформација;
17. Министерство за јавна администрација;
18. Министерство за транспорт;
19. Министерство за животна средина и просторно планирање и
20. Министерство за спорт.
Според предлогот, постојат три клучни причини за интервенции во надлежностите на министерствата.
„Прво, во моментов постојат нејаснотии при самата распределба на надлежности помеѓу министерствата, односно не постои јасна линија каде завршуваат ингеренциите на едно а каде започнуваат на друго министерство.
Втора причина е што самата алокација на функции и нивното групирање во одредени органи не е рационално, односно постојат случаи каде повеќе несродни области се алоцирани во една институција.
И трето, како дополнителен предизвик се јавува тоа што области кои во моментот се стратешки приоритети на државата, претставуваат клучни предизвици или се во фокусот на светската јавност не се соодветно пресликани во институционалната рамка на државата, туку се организациски единици во рамки на одредени министерства“, пишува во законот кој веќе доби двотретинска поддршка во Собранието.
Не пишува колку пари ќе бидат потребни, туку наведено е само дека „има финансиски импликации врз Републичкиот буџет“.
Расправата траеше до 2:30 часот по полноќ. Предлогот жестоко беше критикуван од пратениците на СДСМ и Левица.