По девет години без одржување на изборот Мис на Македонија за Мис на свет, синоќа во Национална опера и балет во Скопје, повторно се одржа гламурозен настан од светот на убавината, каде се избра најубавата Македонка, но не за Мис на свет, туку за популарниот избор Мис Универзум.
Од дваесет финалистки, со круната се закити кумановката Теа Ѓоргиевска (21) и на 16-ти ноември таа ќе не претставува на изборот кој ќе се одржи во Мексико Сити, Мексико.
Веста дека Македонија ќе учествува на Мис Универзум, минатиот месец ја откри естрадниот новинар и инфлуенсер Зоран Василевски – Фаци. Тогаш за ,,Фокус” тој раскажа дека е во улога на национален директор на изборот за Македонија, каде преку убавина ќе се промовира државата на светско ниво.
Откри дека имало голем интерес, бидејќи веднаш по објавата дека се бара кандидатка за претставничка, се пријавиле стотина девојки.
Организатор на настанот во Скопје е Шакир Села од Даман менаџмент од Истанбул, Турција, и ја поседува лиценцата за Македонија, но и го организира турскиот избор за Мис Универзум.
Инаку, македонскиот избор за Мис на свет, за кој лиценцата ја има поранешната Мис на Југославија, Лидија Велковска, не се одржува речиси цела деценија, бидејќи, како што во повеќе наврати изјави Велковска, и биле потребни финансиски средства, а државата одбивала да помогне и да ја поддржи.
Во последното интервју од пред десет години, таа јавно апелираше до тогашната власт и до тогашниот претседател Ѓорге Иванов, да и се одобри буџет од 35.000 евра, за да може да има достоинствено претставување на земјата, но од кабинетот на Иванов одговорија дека нема да ја поддржат манифестацијата.
Вики Клинчарова